Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром вечерва во арената „Борис Трајковски“ ќе му биде домаќин на унгарскиот Шолнок, вториот дебитант во регионалната АБА лига. Почетокот на натпреварот на кој нашиот првак е за првпат фаворит во еден дуел од АБА лигата е во 20 часот и 30 минути.
Тренерот на „аеродромци“ Алеш Пипан беше претпазлив во својата изјава пред мечот со Унгарците, во кој поради повреди кај МЗТ нема да настапат неколку играчи.
– Не чека можеби најтешкиот натпревар во првиот дел од сезоната. Екипата на Шолнок не е воопшто слаба како што тоа изгледа на табелата. Ние се соочуваме со проблеми со повредените играчи, и затоа сите кои што ќе добијат шанса за настап, мора да го пружат својот максимум ако сакаме да дојдеме до победата, изјави Пипан.
На другите средби од 11.коло ќе играат: Раднички – Задар, Сплит – Будуќност, Црвена Ѕвезда – Широки (денес); Цедевита – Крка, Унион Олимпија – Цибона (утре) и Игокеа – Партизан (понеделник).
Табела: Игокеа 8-2 (победи-порази), Партизан 8-2, Црвена Ѕвезда 6-4, Будуќност 6-4, Цедевита 6-4, Раднички 5-5, Крка 5-5, МЗТ Скопје Аеродром 5-5, Унион Олимпија 4-6, Широки 4-6, Цибона 4-6, Сплит 4-6, Задар 3-7, Шолнок 2-8.