Лидерот на ДПА Мендух Тачи вечерва во обраќањето пред партиските симпатизери во Охрид ги повика Албанците да гласаат за промена на власта и на ситуацијата, како што рече, на тотален недостаток на резултати од владејачката албанска партија.
– Преку нашата партиска платформа се залагаме за рамноправна распределба на буџетот, сметаме дека Албанците добиваат само два до три отсто од него. Тоа не значи дека парите ќе се трошат за пушки против Македонците, туку за подеднакви услови за живот за сите во земјата, рече Тачи.
Лидерот на ДПА истакна дека неговата партија се залага за подмирување на дел од долговите на граѓаните кон државата.
– Тоа нема да го сториме на начин што ќе отвориме уште дупки во буџетот, туку едноставно со намалување на луксузните расходи на функционерите на ДУИ. Кратењето на репрезентациите на владејчките функционери ќе остави доволно пари за да се подмират долговите на граѓаните, притоа мислам на долгови што се лични, а не манипулативни, рече Тачи.
Лидерот на ДПА оцени дека на престојните предвремени парламентарни избори на 11 декември Албанците ќе гласаат за промени за, како што рече, „одговорните за ситуацијата во дражавата да го добијат заслуженото“.