Кодексот за судиска етика на судиите во Република Македонија денеска ќе биде презентиран во Скопје, во организацијата на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и Здружението на судиите на Република Македонија, а во соработка со ИПА Проектот 2010 – „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и унапредување на пробациската служба и алтернативните мерки“.
На презентацијата најавено е присуство на судии и јавни обвинители од сите апелациски подрачја и претставници на Адвокатска комора на Република Македонија.
Воведни обраќања на презентацијата ќе имаат директорката на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Анета Арнаудовска, членот на Управен одбор на Здружението на судии на РМ и судија на Врховен суд на РМ, Шпенд Деваја и адвокатот и главен правен експерт на ИПА 2010 проектот за „Понатамошна поддршка за независно, одговорно, стручно и ефикасно судство и промоција на условната казна и алтернативните мерки“, Јордан Апостолски.
Излагања поврзани со темата ќе имаат директорката на Академијата, Анета Арнаудовска, судијата на Врховниот суд на РМ, Шпенд Деваја, судијата од Врховниот суд на Хрватска, Ѓуро Сеса и судијата од Врховниот суд на Словенија, Нина Бетето.