Кариерната и образовната дискриминација, со која се соочени голем број вработени во администрацијата била тема на разговор на денешната средба меѓу дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски и претставници на Синдикатот на македонската дипломатска служба.
На средбата, информираат од Кабинетот на Кирацовски, дополнителниот заменик министер порачал дека вакви проблеми има скоро во секој орган на државната и локалната власт, како и во останатите институции.
– Тука би го додал и казненото оценување што оваа власт го воведе и за што искуството покажува дека недозволиво се користи за политички притисоци врз администрација, изјавил Кирацовски по средбата.
Тој посочил дека по изборите, новата влада треба да воведе објективен систем на кариера во кој ќе напредуваат сите службеници кои ќе ги исполнат утврдените услови, образование, искуство и резултати.
– Казните од апсурдното оценување на администрацијата веднаш да се укинат и да се воведе систем кој ќе мотивира, наместо да казнува, порачал Кирацовски.
Оценил дека средбата што ја имал со претставници на Синдикатот на македонската дипломатска служба, на нивно барање е доказ дека вработените во сите ресори се охрабрени, довербата е воспоставена и постои решителност заеднички да се решаваат проблемите во интерес на вработените и на граѓаните.