Пакистанските власти на приближно 400 турски државјани, поврзани со синџирот меѓународни училишта во Пакистан, им наредија во рок од 72 часа да ја напуштат земјата, посочија денеска пакистански официјални претставници пред посетата на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган на оваа земја, јавија американските медиуми.
Информацијата за ова беше ставена на сајтот на пакистанско-турските училишта и колеџи и беше потврдена од двајца одговорни претставници на училиштата. И двајцата претставници, кои побарале анонимност, изјавиле дека стравуваат за својата безбедност по нивното враќање во Турција.
Турските власти ги обвинуваат посочените училишта дека се поврзани со движењето на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен, кој живее во САД.
Ердоган денеска пристигнува во дводневна посета на Пакистан.
Турција ги обвинува Ѓулен и неговите приврзеници дека стојат зад обидот за преврат во јули. Турската Влада ги конфискува сметките на стотици училишта, наставни и здравствени објекти и смени илјадници службеници под сомнение за врски со Ѓулен.
Од турските државјани на коо им е наредено да го напуштат Пакистан, 108 се персонал на пакистанско-турските училишта, а останатите се членови на нивните семејства. Пакистанско-турските училишта имаат 28 кампуси во Пакистан.
Ердоган ја поздрави одлуката на пакистанските власти.