Стрезовски: Досега реализирани над 170 проекти во Преспа

Од:

Целосна реконструкција на водоводот во Ресен, подобрување на патната и комуналната инфраструктура во Преспа, на економските капацитети и развој на туризмот, се дел од капиталните проекти што општина Ресен ги релаизира изминатиот период. Градоначалникот Ѓоко Стрезовски денеска на прес-конференција информира дека изминатите три и пол години во Преспа се реализирани над 170 проекти, а дел се во реализиација.

Еден од најзначајните проектни зафати, според него, е целосната реконструкција на градскиот водовод со замена на постојните азбестни со нови PVC профилни цевки. Проектот е вреден над 800.000 евра, а средствата се обезбедени од Европската инвестициска банка, преку Владата и од донации од Швајцарската развојна агенција и УНДП.

– Во моментов се работи на довршување на првата фаза од примарниот цевководен систем, а паралелно се одвиваат и градежно-изведбените работи на секундарните водоводни приклучоци. Во втората фаза ќе бидат опфатени уште неколку улични системи во градот, со што ќе се изврши целосна реконструкција на 13 километри од водоводниот систем во Ресен. Ова е практично најсериозниот и најкапиталниот инвестициски зафат во Ресен во последните 5-6 децении, рече Стрезовски.

Со реализацијата на овој проект, како што нагласи, граѓаните на Ресен, не само што ќе добијат здрава и квалитетна вода за пиење, туку ќе се надмине и деценискиот проблем со огромните загуби на вода, како и проблемот со честите дефекти на водоводниот систем во градот.

Градоначалникот потсети дека интензивно се работи и на целосно осветлување на сообраќајните јазли во Претор, Крани и Царев Двор, со поставување современи канделабри, како и на целосната замена на уличните светилки со најсовремени лед-светилки со кои се придонесува за квалитетно осветлување, но и енергетско штедење.

– Со ова всушност се заокружува еден многу значаен инвестициски циклус во делот на осветлувањето, преку осветлување на сите собраќајни јазли во Преспа, посочи Стрезовски.

Општина Ресен, подвлече градоначалникот, е посветена и на патната и комуналната инфраструктура, односно во изградба и реконструкција на сите локални патишта и улици. Годинава изградени или реконструирани се локални патишта во Лева Река, Љубојно, Брајчино, Грнчари, Крани, Сопотско, Долно Дупени, како и поголем број улици во Ресен.

– Напоредно со нашите ангажмани и заложби на локално ниво во подобрувањето на патната инфраструктура, неодминливо е да се потенцира и поддршката што општина Ресен ја добива и на централно ниво на овој план. Сведоци сме на интензивирање на градежните работи за реконструкција на магистралниот патен правец Битола- Ресен – Буково, од кој делницата Ресен – Буково е веќе целосно завршена, а во моментов се работи на реконструирање на делницата Ѓавато- Макази, истакна Стрезовски.

Во делот на заштита на животната средина, покрај големиот проект за заштита на Преспанското Езеро, кој се спроведува во соработка со УНДП, општината инвестира и во системи за регулирање на отпадните води, преку изградба на канализациски мрежи во преспанските населби.

– Во тек е довршувањето на системот за изнесување на фекалните отпадни води во село Дрмени. Преку мали инфраструктурни проекти, низ повеќе населби во Ресен подобрено е третирањето на отпадните води, а во завршна фаза сме и со изготвување техничка документација за отпочнување изградба на канализациска мрежа во селото Стење и во уште неколку рурални населби во Преспа, информира градоначалникот Стрезовски.

Според него, туризмот е на врвот од прироритетите на општината и додаде оти тоа се потврдува со силните инвестициски вложувања.

– Во моментов интензивно се работи на изградба на пешачко-велосипедската патека покрај брегот на Преспанското Езеро, која ќе ги поврзува туристичките населби Крани-Сливница – Претор, како дел од трите вакви туристичко-рекреативни објекти околу езерото, изјави Стрезовски.

Градоначалникот потсети и на двете модерни плажи на Преспанското Езеро во Стење и Сливница. – Модернизацијата на туристичката инфраструктура со изградбата на новите плажи, придонесе за драстично зголемување на бројот на посетители во Преспа, изразен преку силниот туристички бум ова лето, поттикнувајќи го интересот и на потенцијални инвестиори во изградба на нови или реконструкција на постојните сместувачки капацитети, рече Стрезовски.

Општината, додаде тој, посветено работи и на подобување на економските капацитети, посебно во делот на земјоделството и овоштарството.

– И оваа година преспанските овоштари се соочија со значителни оштетувања на јаболковиот род, предизвикани од априлскиот мраз. Стручни тимови од општина Ресен, под раководство на експерти од МЗШВ и Земјоделскиот факултет во Скопје извршија проценки на настанатите штети и целокупната документација ја процесуираа до надлежните државни институции, од каде, како и во случајот со предминатогодишните штети од градот, се очекува соодветно обесштетување за преспанските овоштари, истакна Стрезовски.

Тој нагласи дека целосната посветеност кон граѓаните на Ресен и Преспа, одговорноста и ангажираноста кон реализација на проектите и делата во функција на квалитетно подобрување на севкупните услови за живеење и понатаму ќе останат приоритет во општинското работење.

Би можело да ве интересира

Трипуновски: Работиме преспанското јаболко да остане бренд и да имаме што повеќе задоволни земјоделци

Серија земјотреси го тресат преспанскиот регион

А1он

Силен земјотрес ноќеска ги вознемири граѓаните на Преспа

A1on

Поради реконструкција на дистрибутивната мрежа, Ресен и Преспа утре 10 часа без струја

Локализиран пожарот во националниот парк „Преспа“

А1он

Голем пожар во националниот парк „Преспа“ кај Пустец

А1он