Владата во текот на наредната година планира да изгради 64 социјални станови наменети за децата без родители, најави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески при денешното предавање на донацијата од вработените во УЈП за Домот „11 Октовмри“ во Скопје по повод „Св. Матеј“ – Светскиот ден на даночниците.
– Сакам да знаете дека и Владата се грижи за сите фази од вашиот развој во животот. Определивме по 18.000 денари месечно да добиваат сите деца без родители што ќе одат на факултет. Владата донесе и одлука да им помага на децата без родители кога ќе го завршат образованието и да им додели и станови. За следната година се планира да бидат изградени 64 станови наменети за децата без родители, им порача Ставрески на децата во Домот „11 Октомври“.
Директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски истакна дека донацијата од два ЛЦД телевизора, осум микробранови печки и осум миксери е набавена со средства доброволно собрани од вработените во УЈП, а се доделува на барање на надлежните во Домот за реализација на проектот за осамостојување на децата.
– Сите вработени во УЈП координирани од нашата синдикална организација собраа онолку колку што дозволуваа приликите во овој момент за да одговориме на потребите на Домот. Верувам дека ова нема да биде наша последна донација за Домот и оти ќе прерасне во традиција на Денот на даночниците да донираме за потребите на децата без родители, рече Трајковски.
Во знак на благодарност децата приредија приредба за вицепремиерот и директорот на УЈП, а вработените им врачија по една благодарница и по една слика изработена од дечињата.