Медиа Принт Македонија е пред колапс, се употребуваат последните ресурси со цел медиумите и печатницата да издржат до избори, велат за А1он вработени од МПМ и печатницата Графички центар Скопје.
Откако излезе информацијата за можното затварање на дневниот „Утрински весник“, А1он разговараше со повеќе вработени од фирмата. Од таму велат дека се очекувал ваков крај, бидејќи тиражот на весниците секојдневно се намалувал, но не само поради намалената заинтерсираност од страна на читателите, туку и поради недостигот на хартија во печатницата на МПМ, „Графички центар – Скопје“.
Нашите извори велат дека неколку печатени изданија веќе си заминале од печатницата која не можела да ги задржи поради тоа што немала хартија со што ќе ги печати. Печатницата веќе е во големи долгови кон неколку други печатници ширум Македонија, а голем дел од вработените веќе ја напуштиле печатницата и се вработиле во други скопски печатници.
– Весниците со намален тираж се печатат веќе некое време. Вработените се бунат, поготово откако стигнаа новите договори со кои индиректно не цензурираа, но најмногу сега, кога затварањето на „Утрински“ е пред свршен чин, а висат судбините на вработените од „Вест“, „Дневник“, „Спорт“ и печатницата, вели изворот на А1он.
Вработените во „Утрински весник“ утрово се во очекување, дали ќе се донесе одлука за отпуштање или за целосно затворање на весникот, додека пак вработените од „Вест“ кои по менување на уредништвото, кога на чело на весникот застана Горан Петрески беа избркани утрово ја окупираа канцеларијата на Срѓан Керим затоа што биле прогласени за технолошки вишок, но не им се исплаќаат парите.
Под МПМ се и весниците „Дневник“ и „Македонски спорт“ кај кои освен намалениот тираж, досега нема други промени.