Денеска имаме нова борба пред нас, имаме нова група луѓе која треба да се победи и да се дојде до главната цел од деведесеттите години, а тоа е самостојна, независна, но демократска Македонија, рече лидерот на ВМРО-Народна, Љубчо Георгиевски по потпишувањето на договорот за коалицијата „ВМРО за Македонија“.
Во овие 25 години се поставуваше прашањето дека Македонија има потреба од трета опција, но и покрај тоа Македонија остануваше поделана меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. По оваа двегодишна криза и по она што се случуваше во изминатата деценија, можеме да кажеме дека никогаш во Македонија не било посозреано времето за една трета независна опција, рече тој.
Третиот блок е повеќе од потребен за ова тешко време за Македонија. Ќе направите голема грешка ако „Коалицијата за Македонија“ ја гледате низ призмата на СДСМ, а уште пооглема грешка ако ја гледате низ призмата на ВМРО-ДПМНЕ, рече Георгиевски.
„ВМРО за Македонија“ е трета автохтона идеја и затоа ги повикуваме сите разочарани членови од ВМРО-ДПМНЕ повторно да го пронајдат изворното ВМРО кај нас, но ние ќе понудиме програма и идеи со кои ќе успееме да задоволиме идеи и мислења од центарот, а ќе бидеме отворени и за оние од левицата ако препознаат вистински и прави идеи во нашата партија, рече Георгиевски на промоцијата на новата коалиција.
Не гледате нас тројцата овде со сите доблести и мани од изминатите 25 години, но немојте да заборавите дека во сите нас има богато животно искуство кое се стекнува само по животниот пат. Затоа сакаме да ги повикаме сите граѓани на Македонија да погледнат кон овој субејт како независен, посебен, автохтон субјект, кој ќе биде препознатлив, а “ВМРО за Македонија“ тоа ќе го докаже во кампањата, рече Георгиевски.