Радовиш и Струмица ќе се поврзат со модерна магистрала

Од:

Радовиш и Струмица ќе се поврзат со модерна магистрала која ќе овозможи побрз проток и побезбеден сообраќај. Се очекува овој патен правец да биде пуштен во употреба во јануари наредната година.

Патниот правец е во должина од 10 километри на кој е предвидено брзина на движење од 100 километри, наместо досегашните 40 километри што ги овозможува постоечкиот патен правец. Како се одвиваат работите на терен денеска се информираа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески заедно со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и директорот на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски.

– Патниот правец од Радовиш до Струмица е ветување за граѓаните во овој дел. На терен се работи во полна пареа. Агенцијата за државни патишта и изведувачот „Гранит“ и во наредните неколку недели ќе продолжат со интензивно темпо на изградба и на почетокот на следната година ќе се заврши овој патен правец. Калдрмата ќе биде минато, а овој модерен пат ќе биде иднината која ќе помогне за граѓаните од овој регион да се возат безбедно и да имаат полесен пристап до Штип, па и до Скопје, изјави вицепремиерот Ставрески.

Тој најави дека во наредните четири години во патната и во железничката инфраструктура ќе се реализираат крупни проекти. Притоа посочи дека по насока од Владата Агенцијата за државни патишта ќе изготви проект за проширување и на патниот правец Велес – Кадрифаково на кој се случуваат сообраќајни несреќи бидејќи е тесен. Агенцијата треба да изработи проект во кој ќе предвиди патен правец широк 11 метри со две главни и две помошни ленти со што ќе се зголеми безбедноста и на овој патен правец и ќе се олесни патувањето на тој дел од Република Македонија. Во делот на источниот дел од земјава, како што рече министерот, има интензивна изградба и ќе има и во наредниот период.

Говорејќи за инфраструктурните проекти во наредните четири години, вицепремиерот Ставрески истакна дека е отворен градежен фронт, дека се работи на автопатот Демир Капија – Смоквица како еден од најголемите проекти што ќе се реализираат во наредните неколку години и дека Владата настојува да обезбеди финансиска конструкција и средства за реализација на автопатите кои беа најавени од Кичево до Охрид и од Миладиновци до Штип.

Тој изрази надеж дека ќе се обезбеди и концесионер за делниците од Гостивар до Кичево и од Скопје до Блаце, бидејќи станува збор за патни правци каде што има поголем проток на возила и од тој аспект се поатрактивни за концесија.

Владата ќе продолжи, како што најави министерот, и на реализација на проектите за изградба на регионални и локални патишта.

Патниот правец Радовиш чини 445 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Република Македонија и градежните работи ги извршува „Гранит“ откако е раскинат договорот со претходниот изведувач поради доцнење со роковите (хрватска ИНГРА).

Би можело да ве интересира

ДЗР: Одржувањето на магистралните и регионалните патишта во опасност поради сериозните финансиски предизвици на ЈП

Бочварски од Велес: Вложивме 1,1 милион евра за подобрување на локалната патна инфраструктура во градот

A1on

Сообраќајот на државните патишта во зимски услови, по наместа влажни коловози

(ВИДЕО) Новиот пат кон велешко езеро има променлива ширина, но во најголем дел таа е пет метри, тврдат од Државни патишта

A1on

Поради свлечиште во прекин сообраќајот на патот Крива Паланка – село Луке

Ана Ололовска

Нормализиран сообраќајот на патот Струмица – ГП-Ново Село

Ана Ололовска