Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) информира дека склучи договор со 91 правен субјект, кои имаат 332 аптеки – продажни места на територија на целата држава за издавање определени видови на ортопедски помагала.
Како што соопшти ФЗОМ, договорот е склучен по завршувањето на јавниот повик објавен на 7 септември годинава, а согласно Законот за лекови и медицински помагала и Правилникот за ортопедски помагала на Фондот.
– Досега најголемата ортопедска куќа имаше само 16 подружници во 14 градови, а сега достапноста ќе биде во сите градови во Република Македонија. За пелени за неподвижни лица со сериозни заболувања, кое е најчесто подигнато ортопедско помагало, осигурениците во половина од градовите мораа да патуваат до соседниот град, секој месец, за да ја подигнат потребната количина на пелени. Од сега осигурениците ќе можат да подигнат пелени во аптеката во сопствениот град во кој живеат. На овој начин се надминува и проблемот кој со години се провлекуваше, а тоа е дистрибуцијата на ортопедските помагала до помалите места, се вели во соопштението од ФЗОМ.
Осигурениците досега можеле помагалата да ги подигаат во 14 градови. По склучувањето на новите договори со ПЗУ аптеки, како што информираат од Фондот, ќе можат да ги подигаат препишаните ортопедски помагала во следниве 29 градови: Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Велес, Виница, Гевгелија, Гостивар, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кавадарци, Кичево, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Крушево, Куманово, Неготино, Охрид, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Скопје, Струга, Струмица, Тетово и Штип.
Фондот информира дека обезбедува 406 типови ортопедски и други помагала, односно 1.210 помагала од различни производители.
– Заклучно 31 октомври годинава, Фондот имаше склучено договор со 31 ортопедска куќа на територија на Македонија, кои имаа мрежа од 111 специјализирани продавници. Финансиските средства кои Фондот ги има предвидено за ортопедски помагала секоја година се зголемуваат, па така во 2016 година предвидени се 550 милиони денари, соопшти ФЗОМ.
Од контролата на ортопедските куќи со кои Фондот има договор, како и со вкрстена проверка преку електронскиот систем, Фондот, како што се наведува, утврди дека шест ортопедски куќи имаат неправилности и прекршување од одредбите на договорот со Фондот. Фондот на 31 октомври 2016 година раскинал договори со шест ортопедски куќи, кај кои биле утврдени неправилности во работењето.
– На последниот јавен повик не се обезбедија договори за дистрибуција на мал дел од палетата во делот на индивидуални ортопедски помагала на кои осигурениците имаат право согласно закон и подзаконски акти на Фондот, па поради тоа направена е реорганизација во подрачните служби, со која се овозможува рефундација на средства на набавено ортопедско помагало во рок од една недела, велат од Фондот.
Во соопштението се наведува дека доколку Фондот утврди дека има потреба од ортопедско помагало кое не е понудено од правните субјекти со кои има склучено договор, тогаш може повторно да распише јавен повик само за тоа помагало, за што се планира во најскоро време да се распише јавен повик.