На секои четири и пол дена во светски рамки загинува по еден новинар, а во последните 10 години се убиени 827 медиумски работници, се наведува во најновиот извештај на Организацијата на ОМ за образование, наука и култура (УНЕСКО).
Како земји во кои новинарите се најзагрозени се наведуваат арапските држави – Сирија, Ирак, Јемен и Либија, а потоа следуваат земјите од Јужна Америка.
Според извештајот на УНЕСКО, во периодот од 2006 до 2015 година, најголем процент на убиства (59 отсто) се извршени во зоните на конфликти, а 36,5 отсто од новинарите се убиени во арапските земји.
Особено загрижувачки е зголемувањето на бројот на убиства во западниот дел на Европа и во Северна Америка, каде во 2015 година загинаа вкупно 11 новинари.
УНЕСКО оценува дека новинарите се многу повеќе загрозени во матичните земји, отколку странските дописници, иако во последните две години е зголемен и бројот на загинати странски новинари.
Минатата година е забележан раст и на бројот на убиства на онлајн новинари, од кои половина од загинатите биле познати сириски блогери.
Извештајот покажува и дека меѓу настраданите новинари биле десет пати повеќе мажи, отколку жени. Документот е подготвен на барање од 39 земји членки на Меѓувладиниот совет на УНЕСКО.