Од евидентираните 1.783.715 лица во Избирачкиот список кои имаат право на глас на претстојните предвремени парламентрани избори, вкупно 297.109 се во Изборната единица (ИЕ)1, 307.675 се во ИЕ 2, 282.885 се во ИЕ 3, 285.628 се во ИЕ 4, 296.322 се во ИЕ5 и во 314.096 се регистрирани во Изборната единица 6.
Како што соопшти Државната изборна комисија (ДИК), Избирачкиот список од вчера е веќе ставен на јавен увид и ќе биде достапен до 11 ноември, секој ден од 8:30 до 19 часот во подрачните одделенија на ДИК и во канцелариите на општините, како и електронски, постојано, 24 часа.
Државната изборна комисија апелира, граѓаните со спорни записи кои не се пријавиле за гласање во периодот од 26 јули до 19 август, тоа да го сторат до 11 ноември, додека е на увид Избирачкиот список
– Заклучно со денеска, до 14 часот, електронското пријавување за гласање го искористиле 3.288 лица кои моментно се во странство, иселеници или со привремен престој. Од поднесените пријави, прифатени се 2.664, 82 се одбиени, а 542 се во обработка, соопшти Љупка Гугучевска од ДИК на прес-конференција.
Одговорајќи на новинарски прашања, Гугучевска информира дека засега до ДИК е доставена една листа на кандидати за пратеници од група избирачи во Изборната единица 2, а носител е Оливера Доцевска. Собирањето потписи за вакви листи истекува на 6 ноември.