Стапката на сиромашни лица во Република Македонија во 2015 година изнесуваше 21,5 отсто, објави денеска Државниот завод за статистика.
Анализирано по типови на домаќинства, стапката на сиромаштија на домаќинствата составени од двајца возрасни со две издржувани деца во 2015 година е 22,8 отсто. Според најфреквентниот статус на економска активност, стапката на сиромашни вработени лица е 9 проценти, додека стапката на сиромашни пензионери е 7,2 проценти.
Gini коефициентот (мерка за нееднаквоста во распределбата на приходите) изнесува 33,8 проценти.
Основа на пресметките на сиромаштијата се приходите, а прагот на сиромаштијата е дефиниран на 60 отсто од медијалниот еквивалентен приход.
Државниот завод за статистика, го пресметува индексот врз основа на податоците од Анкетата за приходи и услови за живеење која се спроведува во согласност со препораките на Европската унија.