Амбасадорот Тимоние во посета на Куманово

Од:

Амбасадорот на Франција во Македонија, Кристиан Тимоние денеска ја посети општина Куманово каде се сретна со градоначалникот Зоран Дамјановски, а на средбата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Арбр Адеми и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
 
Четворицата соговорници во изјавите за медиумите се осврнаа на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 11 декември годинава. Амбасадорот Тимоние истакна дека иднината на земјата е во Европа.
 
Тој нагласи дека лидерите на четирите плитички партии направиле храбар чекор потпишувајќи го договорот од Пржино, со кој, рече се создале услови за организирање избори на 11 декември. Додаде дека многу е важно изборите да се одржат во најдобри услови. Посочи дека Министерството за внатрешни работи ќе одигра најважна улога во изборите, дека е важно насекаде изборните комисии добро да функционираат, затоа што, нагласи, очекуваат резултати кои што ќе и овозможат на Македонија повторно да чекори по патот кон Европската унија. За тоа, додаде,  потребно е сојузништво од најголемиот број политички партии за да се стигне и да се спроведе таа агенда.
 
– Ве очекуваат голем број реформи и предизвици, кои што ќе бидат важни за секојдневниот живот на секого. Навистина треба да одиме напред, а добри избори на 11 декември ќе бидат почеток, а не крај. Тоа ќе биде доказ дека ова е нормална земја и навистина ние со нетрпение го очекуваме тој доказ на враќање на нештата во нормала, рече амбасадорот Тимоние.
 
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Адеми истакна дека на средбата било разговарано за различни теми, пред се, за  актуелната политичка состојба.
 
– Претстојните предвремени парламентарни избори се од огромно значење за иднината на нашата држава, за иднината на нашето општество.  Секако, наша задача е да покажеме и докажеме дека имаме капацитет, посветеност да организираме избори кои ги исполнуваат меѓународните стандарди,  избори чиј резулат ќе биде широко прифатен од сите политички партии и од нашите пријатели од меѓународната заедница, избори кои дополнително ќе дадат аргументи дека Македонија ја заслужува европската перспектива, рече Адеми.
 
Тој додаде дека верува оти сите политички партии, политички и општествени чинители, ќе дадат придонес во периодот што претстои да продолжиме со евроинтегративен процес, бидејќи, нагласи, нашето членство во ЕУ е стратешка определба на нашата држава за која нема друга алтернатива. Изрази верба дека сите политички и општествени чинители ќе се однесуваат одговорно и со кредибилитет во периодот што претстои.
 
Министерот Спасовски потенцира дека претстои сензитивен период за Република Македонија, во кој што сите ние, додаде, не само декларативно, туку и суштински треба да одработиме за воспоставување услови за фер и демократски избори и да им се овозможи на граѓаните на Република Македонија самостојно, како што нагласи, без притисоци да донесат одлука на претстојните избори.

Би можело да ве интересира

Девојче било истепано на свадбена веселба во Куманово

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени

Сообраќајка во Куманово, тешко е повреден пешак

Потребни ригорозни санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла апелираат ветеринарите

Куманово: Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи

Градежна инспекторка од Куманово побарала поткуп од 4.000 евра