Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска се сретна со новата директорка на Регионалното школо за јавна администрација (ReSPA), Ратка Секуловиќ, која на оваа позиција дојде во јули годинава.
Како што соопшти денеска Министерството за информатичко општетсво и администрација (МИОА), целта на средбата, на која што присуствувал и оперативниот директор на РеСПА, Влатко Наумовски, била меѓусебно запознавање, претставување на тековните и идните активности и разгледување на начините за идна соработка.
Министерката Арсовска Томовска меѓу другото ги претставила реализираните проекти на МИОА во насока на реформа на јавната администрација, а се разговарало и за актуелните предизвици со кои се соочуваат земјите во регионот во однос на овие прашања.
РеСПА е меѓународна организација, создадена на иницијатива на Европската унија и земјите од Западен Балкан, која работи на поттикнување и зајакнување на регионалната соработка помеѓу земјите-членки во областа на јавната администрација, управување со човечките ресурси и реформа на државните служби. Седиштето РеСПА е во Даниловград во Црна Гора.