Доминик „Дајс Доминејтор“ Лоригио многумина го сметаат за најголем коцкар во светот, додека според други тој е обичен измамник, пишува „Вајс“.
Шеесет и тригодишниот коцкар тврди дека методот „контрола на коцката“ му донел толку многу пари, што влезот во голем број коцкариници во Лас Вегас и Мисисипи му е забранет, а на оние на кои им ја кажал неговата метода, според него, исто така, редовно заработуваат десетици илјади долари.
Доминик вели дека од фрлањето коцки направил вештина, која секој може да ја научи.
– Фрлањето коцки е работа на физиката: тоа е проект во движење, во воздух, изјави Лоригио за „Вајс“. – Многу луѓе кои ги учев, сега играат професионално, победуваат во фрлање коцки со помош на техниката која ја развив, додава тој.
Неговата фабрика „Голден Тач Крепс“ неодамна во еден хотел оддржа дводневен семинар каде неговата екипа инструктори ги обучувале потенцијалните коцкари, кои за таа привилегија ја платиле 1.595 долари.
Доминик вели дека неговото „златно фрлање“ е процес од осум стапки, вклучувајќи фокусирање на одреден дел на масата и фрлање на коцките на начин да се елиминира дополнително ротирање, да се намалат шансите за отскокнување и синхронизација на ротацијата на коцките за да не паднат во комбинација 4-3, 5-2 или 6-1, со што би се добил губитничкиот број седум.