Министерот за здравство Никола Тодоров, како и пратениците, кои не го коригираа буџетот за ХИВ, може се директно одговорни за секој следен смртен случај од овој вирус, обвинува граѓанската платформа за ХИВ чии членови излегоа на протестен марш пред Министерството за здравство, пренесе Макфакс.
„Наместо да ги зголеми средствата за заштита на населението од ХИВ на неопходните најмалку 65 милиони денари, министерот Тодоров ги скрати на само 27 милиони денари. Тој не ги исполни обврските што ги имаше преземено дека Министерството за здравство од следната година ќе го преземе финансирањето на програмите за превенција на ХИВ. Со тоа нанесува огромна штета на нашите национални напори да го ставиме вирусот под контрола. Со овој буџет луѓето што живеат со ХИВ се ставени во ризик да им прекине терапијата кон крајот на следната година, а целосно ги скратија и средствата за превенција. Над 15.000 граѓани, и нивни семејства, оставаат без пристап до бесплатни средства за заштита од ХИВ и за рано откривање на инфекцијата. Оваа неодговорна одлука ќе има опасни последици врз здравјето на нацијата. Министерството за здравство добро знае дека епидемијата на ХИВ во Република Македонија ќе се зголеми ако не се продолжат програмите за превенција“, велат членовите од платформата.