По повод почетокот на грејната сезона, денеска ООУ „Димо Хаџи Димов“ го презентираше специфичниот модус на загревање на своите простории. Се работи за користење на отпадна био-маса како енергенс, со кој ќе се загреваат околу 3.600 до 4.000 м², со вкупна топлинска енергија од 267 kw. Отпадната дрвена маса се прибира во текот на целата година, која потоа специјалната машина сместена во рамките на ова училиште ја преработува во таканаречен „дрвен чипс“.
– Локалната самоуправа обезбеди 40.000 евра од својот буџет, Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ финансираше околу 15.000 евра, додека УНДП помогна со 20.000 евра. Севкупно инвестицијата не чинеше 75.000 евра, парични средства кои веќе на половина од втората грејна сезона планираме да се покажат како исплатливи. Веројатно, следното училиште кое ќе го направиме да се затоплува на истиот начин е ООУ „Аврам Писевски“ во населбата Бардовци, рече градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски кој присуствуваше на презентацијата.
Од анализите што ги направила општината за загревање на ова училиште биле потребни околу 2.600.000 денари, а со примена на новиот метод се планира, трошоците да се редуцираат дури за 60.000 денари во грејна сезона.
Еколошки гледано, посочуваат од општината, дрвениот енергенс помалку ја загадува животната околина бидејќи се добива преку процес на преработка на листопадни и зимзелени дрвја кои не содржат смола.
Со искористување на топлотната енергија, овој енергенс не ослободува штетни материи во воздухот, туку како нуспојава во атмосферата излегува само водена пареа. Покрај економскиот бенефит, примарна цел на овој проект е да се супституира употребата на минералните горива какви што се гасот и нафтата, со обновливи извори на енергија. На територија на Општина Карпош, веќе три основни училишта користат обновливи извори на енергија, како специфичен начин на затоплување на своите простории.
Применувајќи ја оваа практика, ООУ „Димо Хаџи Димов“ стана првиот објект во Македонија кој користи ваков тип на обновливи извори на енергија.