Фондот за здравствено осигурување на Македонија склучи договори со шест нови приватни специјалисти во четири градови. Станува збор за специјалисти интернисти кај кои граѓаните од 1 ноември со сини картони ќе добиваат здравствени услуги за стрес тест, ехо на абдомен, ехо на срце, ехо на тироида, ехо со доплер на крвни садови, ЕКГ и ЕКГ холтер (24 часовно за аритмија и/или хипертензија), спирометрија…
Како што информира на денешната прес-конференција директорот на ФЗОМ Сашо Стефановски, три специјалисти кои склучиле договор со ФЗОМ се во Скопје и тоа по еден во општините Аеродром, Бутел и Гази Баба, а останатите тројца во Струмица, Ваташа-Кавадарци и Битола.
ФЗОМ договорите ги склучил договори со ПЗУ Д-р Александар Манолев во Бутел Скопје, со ПЗУ Вита Мед-ЛД во Аеродром Скопје, со ПЗУ Ехолаб Плус во Гази Баба Скопје, со ПЗУ Д-р Владо Хаџиев – Битола, со ПЗУ Калина во Струмица, со ПЗУ Медика Пењушкови во с. Ваташа, Кавадарци.
– Тие станаа дел од мрежата на здравствени установи, и со тоа ФЗОМ им овозможи на осигурениците да добиваат специјалистичка здравствена заштита на товар на Фондот. Ова претставува дополнително зајакнување на специјалистичката здравствена заштита во градовите во внатрешноста, рече Стефановски.
Информира дека новите шест специјалисти кои склучуваат договор со Фондот за здравство ќе почнат со работа од 1 ноември 2016 година. За нив, рече, до крајот на годината за два месеци Фондот ќе исплати 864 илјади денари, односно по 72 илјади денари месечно по специјалист.
– Услугата од специјалист се добива по извршен преглед и упатување од матичен лекар и за истиот преглед специјалистот кој има договор со Фондот, смее да наплати само партиципација за здравствената услуга предвидена со закон. Во обезбедувањето на здравствените услуги, овие приватни здравствени установи се изедначени со јавните здравствени установи.
Стефановски потенцира дека зголемувањето на бројот на нови специјалисти истовремено значи и поголем избор на осигурениците за добивање на специјалистичка здравствена заштита, но исто така е и растеретување од гужвите во јавното здравство за таа дејност.
ФЗОМ досега има склучено договор со 173 приватни специјалисти по медицина за кои годишно за исплата се предвидени 201 милион денари.