Кошаркарите на Фени Индустри изутринава заминаа за Пеќ, каде утревечер ќе го одиграат првиот натпревар во рамки на балканската БИБЛ лига против истоимениот противник.
Иако е свесен за силата и квалитетот на противникот, тренерот Малинков верува дека неговите кошаркари можат да направат изненадување на стартот на сезоната.
„Се работи за исклучително силен и квалитетен противник, кој има одлични играчи на сите позиции, но ние ќе одиме да ги изненадиме. Екипата на Пеќ ни беше гостин на годинашното издание на турнирот „Димитар Ѓорѓиев“, и иако немавме директен дуел со нив, сепак имавме можност заедно со моите асистенти да ги следиме и во двата натпревари и да ги анализираме нивните силни и слаби страни“ – изјави Малинков непосредно пред заминувањето за Косово.
Во премиерниот натпревар сезонава од ростерот најверојатно ќе недостасува плејмејкерот Бобан Стајиќ.
„Сите играчи се здрави и подготвени за првиот сезонски предизвик, освен Бобан Стајиќ кој веќе неколку денови има вирус, па дополнително ќе одлучам дали ќе биде во составот на утрешниот натпревар“ – заврши Малинков.
Натпреварот се игра во среда, 12 октомври, со почеток од 19 часот и 30 минути.