„Денес на предлог на студентите, презентираме мерка за платена работа за студенти во студентските кампуси.
Студентите ќе добијат шанса за заработка преку работа со скратено работно време, таканаречена part-time job.
Студентите ќе можат да работат во студентските ресторани или кафетерии, ќе може да работат на организација на културно-забавни настани, ќе може да работат како водичи на нивните колеги студенти-бруцоши или како асистетни за административни обврски во рамки на студентскиот кампус. Студентите исто така ќе може да работат и во читалните и во библиотеките.
Целта на оваа мерка, е студентите во текот на нивното студирање да може да заработат пари за да може да си ги намалат своите трошоци на студирање и на живеење, но исто така, целта е и студентите да бидат самостојни а не да зависат само од парите на нивните родители. Нашиот план е младите да живеат и да работат тука, во Република Македонија“, изјави Стефан Богоев, претседател на СДММ.
На кој начин би се вработувале во мензи, бидејќи има студенти коишто не живеат во студентските домови?
Оваа мерка се однесува на студенти коишто живеат во студентски домови и целта е со скратено работно време да работат на некое од овие места. Ова е мерка којашто ја има и во западно-европските земји. Не би бил којзнае колкав надоместок но би бил доволен за да ги скрати трошоците за нивното студирање.
Како ја оценувате сегашната слика на студентскиот живот?
Моменталната слика за сегашниот студентски живот ја оценувам со единица, бидејќи студентите живеат во руинирани, во распаднати студентски домови, студентскиот стандард е на најниско можно ниво, односно студентите буквално не можат да скрпат крај со крај. Пред некое време на истото ова место презентиравме бројки од едно наше истражување, кое вели дека на просечен студент, сместен во студентски дом месечно му се потребни 10.200 денари, додека минималната плата е 10.080 денари, што значи – родител на дете сместено во студентски дом, дури и да ја потроши целата негова плата нема да е доволно да ги покрие месечните трошоци. Токму затоа, покрај реконструкција на студентски домови, покрај картички за бенефиции за студентите, покрај изградба на нови студентски центри, од кои едниот ќе биде токму тука во рамки на студентскиот дом „Гоце Делчев“, ја предлагаме и оваа шанса за младите да заработат преку платена работа за студенти во нешто коешто ние го нарекуваме студентски сервиси.