Почетокот на пристапните преговорите со ЕУ може само позитивно да влијае врз решавањето на билатералните прашања, истакнал македонскиот претседател Ѓорге Иванов на денешната средба со Ерато Козаку Маркулис, министер за надворешни работи на Кипар и актуелен претседавач со Унијата.
– Во нашиот регион веќе бевме сведоци на позитивниот пример на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните прашања, и Република Македонија очекува да добие идентична можност на претстојниот Европски совет, потенцирал Иванов.
На средбата со Козаку Маркулис, како што соопшти кабинетот на македонскиот претседател, централни теми биле евроинтеграциите на Македонија, реформскиот процес и можностите за определување датум за почеток на пристапни преговори за членство во Европската унија на претстојниот Европски совет во декември
Иванов истакнал дека зачленувањето на ЕУ останува највисоко на агендата на Република Македонија, и со оглед на видливите достигнувања во однос на реформите, изразил очекување за поддршка од сите земји – членки за почеток на преговори за членство.
– Зачленувањето на земјите од Западен Балкан е од витално значење за стабилноста и просперитетот на нашиот регион, но и за кредибилитетот на Европската унија и локално, и глобално, рекол Иванов.
Тој се заблагодарил за заложбата на кипарското претседателство за продолжување на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Балканот и изразил поддршка за активностите кои ги преземаат, со оглед на предизвиците со кои се соочува Европа последниве години.
Двајцата соговорници, како што е нанведено во соопштението, заклучиле дека процесот на интеграција е и процес на трансформација на општествата, поради што интеграцијата во Европската унија за балканските држави е највисок приоритет, а политиката на проширување се смета за една од најуспешните политики на Унијата. Во тој контекст министерката за надворешни работи на Кипар истакнала дека проширувањето е еден од највисоките приоритети на кипарското претседавање, оти Кипар ја подржува европската перспектива на сите земји од Балканот и се надева на успех на претстојниот Европски совет.