Вкусно, ароматично и зачинето …
Потребно е:
85 гр киноа (1/2 чаша од 250 мл)
1 главица кромид
2 чешниња лук
1 страк целер
1 луто пиперче
2 лажичиња кумин во прав
1 лажиче коријандер во прав
1 лажиче кајенска пиперка во прав
1-2 лажичиња чили во прав
1 лажица пире од домати
1 конзерва (400 гр) сецкани домати
1 лажиче шеќер
1 конзерва (400 гр) црвен грав
100 гр пченка шеќерец
за декорација:
2 лажици сецкан свеж магдонос
2 лажици изрендан чаден кашкавал
2-3 млади кромидчиња
4 полни лажици кисела павлака
Подготовка:
– Киноата убаво измијте ја со солена вода. Ставете ја во еден сад, полијте ја со 250 мл ладна вода, посипете со малку сол и ставете да се вари до вриење. Кога ќе почне да врие, намалете ја температуратаи варете ја поклопена уште околу 10 минути.
– Во друг сад на рингла на малку загреано маслиново масло испржете ситно сецканите кромид, лук, целер и лутото пиперче, околу 3-4 минути.
– Додадете ги куминот, коријандерот, кајенската пиперка, чили во прав и кратко пропжете ги додека да замирисаат, околу 1 минута.
– Во садот додадете ги сварената киноа, пирето од домати, сецканите домати од конзерва, шеќер, сол и бибер по вкус и една чаша топла вода. Измешајте и оставете да се вари, поклопено на тивко 15-20 минути со повремено мешање. Ако е многу густо сипете уште малку топла вода.
– Додадете ги исцедениот и измиен грав и пченката и варете уште 10-тина минути.
– Ова јадење сервирајте го топло со малку изрендан кашкавал, сецкан магдонос и млад кромид.