Генералните директори на Македонски железници – Транспорт, на Грчката железница Траиносе, на пристаништето Солун и комитентите на услугите од пристаништето, вчера во Солун одржаа состанок со цел подобрување на соработката, зголемување на железничкиот превоз на релација Солун – Скопје – Солун, подобрување на услугите на железничкиот превоз и намалување на цените на железничкиот превоз.
Директорот на МЖ Никола Костов, за МИА информира дека на состанокот, меѓу другото, се зборувало за штетите кои Македонски железници ги претрпеа од штрајковите на Траиносе.
– Беше напомнато дека од штрајкот и блокадите што беа предизвикани од грчка страна Македонски железници има претрпено штета од пет милиони евра, која што ќе мора да ја надомести во еден малку подолг временски период со зголемен обем на работа, со враќање на комитентите во железничкиот превоз и зајакнувањето на Коридорот 10, изјави Костов.
Тој информира дека, со оглед на бројните проблеми што ги имаше грчката железница, МЖ понудила и деловно техничка соработка за испомош, ако треба и вагони и локомотиви, со цел да се зголеми железничкиот превоз.
– Очекуваме дека од овој состанок ќе излезат и конкретни решенија, се со цел да се зголеми превозот во железничкиот сообраќај, истакна Костов.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, состанокот го иницирал Траиносе се цел грчката железница да го интензивира товарниот железнички сообраќај кон Македонија, односно да го обнови она што било изгубено поради проблемите во грчките железници и затворањето на Идомени. Траиносе на овој состанок барал да се подобри комуникацијата и консултациите меѓу сите страни со цел да се подобри соработката која веќе постои, јавија некои грчки медиуми.
– Има прашања кои се лесни за решавање, како што се комуникација меѓу трите компании, но исто така и со шпедитерите, изјавил извршниот директор на Траиносе Филипос Цалидис.
Траиносе, која чека да биде преземена од Италијанската железница која ја купи на тендер за 45 милиони евра, меѓу другите проблеми, се соочува и со недотиг на персонал.