Колумбија е тргната од листата на фаворити за Нобеловата награда за мир, откако вчера Колумбијците на референдум гласаа против спогодбата со која ќе се заврши 52-годишната војна со марксистичките бунтовници во оваа јужноамериканска држава.
Британските медиуми пренесуваат дека шефот на Институтот за истражување на мирот, Кристиан Берг Харпвикен, на новинарите им раскажуваше за Нобеловата награда за мир, чиј добитник за 2016 година ќе биде прогласен во петок, во престолнината на Норвешка, и дека нагласил дека „Колумбија е отстранета од која било кредибилна листа“.
Неочекуваниот исход од референдумот во Колумбија ги зголеми шансите на руските активисти за човекови права и преговарачите за иранската нуклеарна спогодба за добивање на престижната награда.
Колумбијците на референдумот ја отфрлија спогодбата за завршување на полувековниот судар меѓу владата и бунтовничката група Револуционарни вооружени сили на Колумбија (ФАРК).
Резултатите, по 99 отсто обработени гласови, покажуваат дека 50,24 отсто се против спогодбата, а 49,75 отсто за, пренесоа синоќа француските медиуми.
Анкетите во пресрет на референдумот предвидуваа лесна победа на опцијата за ратификација на спогодбата.