Широка е палетата на здравствени ефекти и мислам дека аерозагадувањето е веќе еден тивок и видлив убиец и еден од првите еколошки отрови коишто се на прво место како причина за смрт, што е навистина сериозен податок, вели доктор Драган Ѓоргев од Институтот за јавно здравје во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Во пресрет на почетокот на грејната сезона, кога знаеме дека концентрациите на загадувачи на воздухот се многу високи, какви се вашите очекувања за оваа зима, дали ќе дишеме почист воздух?
Ние во овој период почнуваме да мислиме на аерозагадувањето во грејната сезона и самото тоа што веќе неколку години сме пофокусирани, сите субјекти, мислам дека е некакво постигнување, меѓутоа во секој случај потребни се акции за да очекуваме посериозни подобрувања. Одредени активности имало, јас овие денови и запознавам, затоа што тоа се активности и во други сектори и можеби поради тие активности можеме да очекуваме нешто помали концентрации, меѓутоа далеку од тоа дека повторно нема да имаме високи концентрации на загадување, повторно градовите, посебно Скопје и Тетово, мислам дека ќе имаат слични концентрации и не гледаме дека нешто драматично е направено за да очекуваме драматични подобрувања. Значи некои подобрувања може ќе има, но во основа главните извори на загадување, а тоа е индивидуалното греење, посебно во грејната сезона, сообраќајот, ваков каков што е и условите за сообраќај и понатаму се во таква форма и заедно со оние карактеристики кои се географски, односно геолошки, локациски на Скопје и на Тетово, значи заедно со некој природни фактори не гарантираат дека ќе имаме некои големи, големи подобрувања. Повторно ќе имаме високи концентрации, долги денови со надминат лимит итн.