Лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов реагира на обидот на Министерството за одбрана со оглас како што рече за ангажирање на некаков ликовен уметник преку смислена кампања да регрутира повеќе млади за доброволно отслужување на воениот рок.
– Дали е точно дека во последните неколку години само 200 етнички Македонци се јавиле за доброволно служење на воениот рок што е рамно на катастрофа?
Дали АРМ смета дека со кампања ќе привлече повеќе млади во нејзините редови? Не , со никаков ликовен уметник АРМ нема да ги привлече луѓето, зашто причините се сосема други, рече Ангелов. Според него, АРМ не е атрактивна за младите да се пријават доброволно за отслужување на воен рок зошто опремата е никаква или воопшто ја нема, а младите добиваат стара или искината униформа.
-Опремата е никаква или стара, посебен проблем е обуката која не е атрактивна и не претставува предизвик на младите луѓе, наместо тоа метат лисја или собираат пикавци. Старешинскиот кадар кој работи со обука на младите регрути е многу слаб, рече Ангелов.
Според него, со практична примена на предлозите на Достоинство може да се постигне поголема мобилизација на младите и интерес за доброволно служење на воениот рок.
-Пред се треба да им се даде на младите регрути нова униформа и атрактивна опрема, треба да се одберат искусните старешини кои ги има во редовите на армијата, обуката треба да биде филмска, треба да очекуваат нешто како на филм, а не некаква строева обука. Наместо тромесечното служење на воениот рок, треба да има можност за служење на 3, 6 или 9 месеци. Оние кои ќе служат повеќе од три месеци да им се обезбеди можност во текот на денот да заминат дома. Треба мотивирачка плата од барем 150 евра за да се јават да отслужат воен рок. Доколку се преземат овие мерки, ќе има поголем одзив во редовите на АРМ, рече Стојанче Ангелов.