Нови 25 наслови од едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ од денеска се достапни за стручната и пошироката јавност. Со тоа во рамки на овој проект поддржан од Министерството за култура и Владата досега се преведени 140 дела од вкупно предвидените 366 наслови.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, на денешната промоција на делата во Скопје, истакна дека едицијата ќе го збогати образовниот процес во нашата држава, ќе овозможи на младата популација да го подигне нивото на својата едукација, а особено ќе помогне за поставување на основите на процесот на развивање и унапредување на научната терминологија на македонскиот јазик како неопходен инструмент на научната и филозофката дејност.
– Уверена сум дека преку едицијата „Врвови на светската филозофија, историја и психологија со психоанализа“ и другите капитални проекти кои ги реализиравме во изминатиот период сите ние ќе дадеме еден значителен придонес кон продуцирање на високо квалитетен кадар кој ефективно ќе го унапредува развојот на македонската наука и култура и ќе комуницира со останатите напредни средини од светот, рече Канческа Милевска.
Промоторот на изданијата проф. Драгица Поповска истакна дека станува збор за дела од реномирани светски универзитети кои стануваат достапни на македонски јазик со кои се овозможува увод во разни концепти што е клучно за развој на македонската наука.
За Александра Жежова која е меѓу преведувачите на делата, едицијата е од посебно значење бидејќи доближува до македонските студенти и истражувачи монументални изданија од светски еминентни автори кои се втемелувачи на филозофијата, историјата и психоанализата се до современи автори чии дела се бестселери и наградувани.