Во врска со неодамнешното формирање на Одборот за реформи во високото образование од страна на Владата прашуваме: Што е целта на ова тело? Дали ова тело ќе го дораскрчми она што преостана после Владините реформи во високото образование?
Нам ни изгледа лицемерно формирањето на ваков Одбор дури сега, после 6 и кусур години занемарување и злоупотреба, откако на високото образование му се нанесоа неповратни штети.
Да потсетиме, како досега Министерството за образование и наука го третираше високото образование:
• Не се уплаќаа средства за организирање на практичната и лабораториската настава на факултетите за кои е неопходна,
• Бројот на финансирани научноистражувачки проекти беше срамно мал.
• Не се финансираа учества на конференции и студиски престои.
• Финансиски не се помагаше изработката магистерските и докторските трудови.
• Не се плаќаа сметките за греење на факултите од јавните универзитети, а последица од тоа се намалените плати за академскиот кадар, кои патем, од 2001 година не беа зголемени.
• Платите во високото образование доцнат повеќе од законските ограничувања.
Да потсетиме што правеше оваа Влада:
• отвораше па затвораше разно-разни дисперзирани студиски групи,
• отвораше лаборатории со најголема политичка помпа, за кои Владата на граѓаните не им кажа дека крајно недомаќински ги набавувала, дека набавила лаборатории дупликати, дека некои лаборатории не се ни отпакувани, а други се отстапени на владеење на ненаучни и необразовни институции и конечно, дека опремата ќе ја отплаќаме сите ние, повеќе години.
• Финансираше издавање на скапи, но нестручно преведени странски учебници, од кои некои со неоправдано голем, а некои со мал па и со недеклариран тираж.
• Финансираше тотално неоправдани, неодржливи, прескапи и веќе замрени проекти, од типот, „компјутер за секое дете“.
Поради сето ова, и поради фактот дека ОДБОРИТЕ ЧИНАТ ПАРИ, сметаме дека формирањето на тој нов Одбор може само да ги влоши работите и да биде дополнителен трошок врз буџетот на РМ. Затоа, наместо формирањето на ОДБОР ЗА РЕФОРМИ ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ, Советот за Образование и наука на СДСМ,
• од Министерот Кралев бара: ВЕДНАШ да започне со финасирање на повеќе научно-истражувачки проекти, ДА ГИ ВРАТИ стипендиите за учество на научните конференции, финансиската помош за изработката на магистерските и докторките дисертации, најитно ДА ГИ ПЛАТИ сметките за греење на јавните универзитети, без притоа да предизвика намалување на платите на академскиот кадар и конечно да ги исплаќа платите во високото образование во законски рок;
• oд Премиерот Груевски бара: најитно да се откаже барем од последните 5 споменици и 5 барокни фасади, a парите да ги инвестира во науката и во високото образование. Со тоа ќе го врати достоинството на професијата НАСТАВНИК, ќе го помогне создавањето на јадрото на подмладокот во науката, и ќе го спречи масовното одлевање на мозоци од Република Македонија.