Комисијата за хартии од вредност денес соопшти дека ја прекинува постапката по Барањето за издавање дозвола за понуда за преземање на „Макпетрол“ од страна на „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“, со образложение дека e потребно „решавање на претходно прашање кај друг надлежен државен орган“.
Овој развој на настаните отвора низа сериозни прашања и дилеми:
Зошто се одолговлекува постапката? Комисијата за хартии од вредност речиси два месеца одлучуваше, но не соопштуваше ништо за постапката, за сега да соопшти дека не одлучила ништо. Дали дури сега се откри дека постои спомнатото „претходно прашање“ за кое што треба да одлучува друг државен орган? Дали со ваквиот однос на институциите се отвора простор на мала врата во македонското стопанство да влезе сомнителен капитал од офшор-фирма со уште посомнително потекло? Дали со ова се чека да помине предизборниот период па после тоа на мала врата да се дозволи влез на сомнителен капитал во Македонија?
Дали ова значи блокада на работата на Макпетрол на неопределен рок? Компанијата, додека трае постапката, не може да работи тековно во целост.
Се воведува ли правната несигурност за сите компании во Македонија? Одолговлекувањето и индолентниот однос на институциите кон една толку значајна компанија како Макпетрол испраќа порака дека ниту една друга македонска компанија во вакви и слични ситуации не може да смета на фер однос и заштита од институциите, кои на тоа се обврзани со закон.
Зошто барањето на дозвола за понуда на „Балкан Петролеум Холдинг Лимитед“ досега не е одбиено? Во случајот истекоа сите законски рокови, а во медиумите повеќепати се појавија информации дека понудата на „БПХЛ“ е некомплетна и невалидна. Со оглед на тоа дека поминаа неколку месеци, а според одлуката на КХВ ќе помине уште време, извесно е дека банкарската гаранција од „БПХЛ“, која е предуслов за целиот процес, е веќе истечена.
Дали институциите ќе си ја префрлаат одговорноста за овој случај во недоглед? И Комисијата за хартии од вредност и Централниот депозитар за хартии од вредност за целото време додека трае постапката си ја префрлаат одговорноста за овој случај, одолговлекувајќи ја постапката и криејќи клучни информации од јавноста. Во исто време, ниту една институција, вклучувајќи ја и надлежната Управа за финансиско разузнавање, не соопшти дали истражува кои се вистинските сопственици на „Балкан Петролеум“ и какво е потеклото на нивните пари.
Ако се земат предвид сите овие прашања, но и целокупниот однос на институциите кон овој случај, станува јасно дека последниот потег на КХВ претставува уште еден удар кон Макпетрол. Последиците од ваквиот однос на државата кон нашата најголема нафтена компанија може да бидат погубни не само за акционерите и вработените во Макпетрол, туку и за македонското стопанство во целина.