Папата Франциско, за време на мисата во чест на францускиот свештеник Жак Амел (убиен во јули од џихадисти), одржана во Ватикан, неколкупати повтори дека убивањето во име на Бога е сатанистичко.
– Колку би било убаво сите деноминации да застанат на ставот – дека убивањето во името Божјо е сатанистичко, рече поглаварот на Римокатоличката црква во присуство на околу 80 верници од епархијата на отец Амел во Руан, северозападна Франција.
Фотографија од убиениот отец Амел беше истакната на олтарот за време на службата во современиот параклис во храмот „Св. Марта”, каде што папата секое утро ја држи својата миса.
– Денес во Црквата има повеќе христијански маченици, отколку во првите векови. Денес страдаат христијани, ги трујат, ги измачуваат, ги убиваат, само зашто не се одрекуваат од Исус Христос. Таа бруталност во принудувањето на вероотстапништво, е сатанистичка, нагласи папата.
– Францускиот свештеник е маченик, а мачениците се блажени (блиски до Бог по смртта). Треба да се молиме за него, за да ни даде на сите нас братство, мир и смелост да ја кажеме вистината: убивањето во име на Бога е сатанско, повтори тој уште еднаш.