По повод Денот на независноста на Република Македонија – 8-ми Септември, делегации на општина Куманово, на Советот на општината, Сојузот на борците, припадници на АРМ, МВР, претставници на политички партии положија цвеќе на Спомен Костурницата во градот.
Пред присутните делегации се обрати претседателот на Советот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
– Македонскиот народ се одважи и во духот на Илинденците и Асномците, со ентузијазмот на Глигоров и Кљусев, излезе и масовно на референдум се изјасни дека сака да има своја независна и суверена држава Република Македонија. Дваесет и пет години имаме независна држава која се стреми кон ЕУ и НАТО. Но, во целиот период на македонската независност, за жал македонскиот народ и државата, доживеаја опструкции од одредени држави кои не сакаа да и дозволат на нашата држава да напредува на патот кон подобро утре за граѓаните, рече Димитриевски.
Тој во својот говор се осврна и на недоволното почитување на спомен обележјата во Куманово, меѓу нив и на Спомен Костурницата каде се забележливи графити, шкртаници и на обележјето и на просторот околу споменикот и упати апел за поголема грижа за спомениците.
Во Општина Куманово во рамки на прославувањето на 25 години од независноста на државата се одржаа и културни и спортски манифестации.