Приказна за полицаецот што го казни командирот со 800 евра

Од:

Десет години пријавува криминал во охридската полиција, МВР молчи!

Сообраќаецот Стевче Стевоски од селото Елшани, Охридско, на 12 август годинава го казнил командирот на полицијата, Владо Силјановски, со 800 евра глоба затоа што со своето нерегистрирано возило претекнувал на полна линија. Стевоски трпел мобинг да ја смени пријавата, а веќе една деценија откако со МВР раководат министрите Јанкулоска и Чавков, пријавувал организиран криминал меѓу своите колеги, местење избори, шверц на автомобили и насилство, но во Скопје неговите пријави завршувале во фиока. Уште полошо, тој бил казнуван и шиканиран!

Пишува: Љубиша Арсиќ

Информацијата дека сообраќаен полицаец му напишал казна на командирот затоа што непрописно претекнувал на полна линија и затоа што сопственото возило не му било регистрирано на прв момент прозвучи како вест од рубриката Верувале или не. Не дека такви примери нема ако се пребара на интернет, иако доминираат случаите од демократските и цивилизираните држави. Но, дека во вмровско режимско време подреден може да му се спротивстави на претпоставен, уште му напишал и казна од 800 евра и потоа под силни закани и притисоци полицаецот не попуштил за да ја отпише пријавата, е тоа, ако ништо друго, е за во рубриката Хероите од нашето маало.
Македонската јавност го запозна сообраќаецот Стевче Стевоски од селото Елшани, Охридско, откако утрината на 12 август, во раните утрински часови на патот од Охрид кон селото Подмоље, откако забележал „мерцедес“ како претекнува „форд“ на недозволено место, при рутинска интервенција со неколкумина колеги бил принуден да го казни командирот Владо Силјановски. Очекувано е дека претпоставениот помислил оти станува збор за негови полицајци- работници и дека лесно ќе помине, односно ќе си го продолжи патот откако колегите со понизок чин ќе му се извинат и ќе го остават да замине. Но, иако тоа било практика, сепак, тоа утро командирот ќе го памети целиот свој живот дека еден сообраќаец во име на законот се охрабрил и му напишал казна.

НАМЕСТО ДА БИДЕ ПРИМЕР ЗА ОХРАБРУВАЊЕ, СТЕВОСКИ ПОД МОБИНГ

И тоа не само 300 евра, затоа што претекнал на полна линија, туку и дополнителни 500 евра затоа што „мерцедесот“ не му бил регистриран последните три години. Ако се направат проверки низ системот за регистрација на возилата, односно на осигурителните полиси, приватното возило на командирот било регистрирано во 2010-та, потоа во 2012-та и на крајот во 2016-та, истиот ден кога бил казнет, но неколку часа подоцна, затоа што утрината пред 7 часот не биле отворени техничките прегледи за „мерцедесот“ да се регистрира пред сообраќајниот прекршок. Како и да е, командирот користел привилегии и три години управувал нерегистриран автомобил?!

Во потрага по вистината за настанот стапивме во контакт со полицаецот Стевоски. Звучеше љубезно и храбро, но неговото непојавување во јавноста го оправда со процедурата во МВР – ќе се појави во весник откако министерот Митко Чавков писмено ќе му одобри, оти поинаку може и да настрада со отказ, зашто и онака му се закануваат секојдневно во последните години, а особено последните две седмици откако се дрзнал да казни командир. Соочени со принципот да молчи за настаните во охридската полиција, ние не се откажавме да трагаме кој е навистина Стевоски, дали лично му се одмаздувал на командирот, дали го почитувал законот при изрекувањето на казната и што воопшто го мотивирало рано наутро да гони непрописни возачи.

Некои колеги со кои ги дели работните простории ни открија дека утрината на истата локација биле казнети уште неколкумина граѓани, па затоа Стевоски не сакал да му прости на командирот за грешката, туку напротив, веднаш утрината ги известил и другите претпоставени дека нивниот колега сторил сообраќаен прекршок со нерегистрирано возило. Деновите потоа, пренесуваат полициски извори, му ги претвориле во пекол. Три дена Стевоски немал задачи, а постојано го притискале да ја смени изјавата, односно да се направи поинаква реконструкција на настанот, а командирот да се извлече од казната. Но, Стевоски останал тврд орев и не попуштил, а притисокот го сфатил како мобинг и заминал на боледување.

Останува нејасно како полицискиот командир успевал три години да управува со нерегистрирано возило? Полицајци за „Фокус“ пренесуваат дека секоја година МВР од централата во Скопје пушта телеграми до полициските станици со кои инсистира да се направи список на возилата што ги користат полициските службеници, дали се регистрирани и други неопходни податоци. Низ станиците во државата се собираат таквите податоци и потоа се испраќаат до МВР. Непознато е дали ова возило на охридскиот командир е пријавено како регистрирано.

Неофицијално, деновиве до министерот за полиција Чавков испратена е Претставка од Стевоски со која тој пријавува свои претпоставени за измама затоа што го довеле во заблуда токму министерот со лажното пријавување за податоците околу возилото на Силјановски. Овој допис нема да му биде прв на полицаецот Стевоски, инаку криминалист по образование со завршен Факултет за безбедност, но деградиран шест скалила во полициската хиерархија во последните неколку години. Претходно, тој многупати, во обид да биде чесен, откривал и пријавувал криминал во полициските редови, најчесто кај главните на полицијата. Токму деградирањата во неговата кариера се поврзани со триесетина дисциплински постапки, односно со неговите обиди да спречи криминално работење. Како што пријавувал, така му се одмаздувале.

ЗОШТО МВР НЕ ОТКРИВА КОИ ПОЛИЦАЈЦИ ПРЕМОЛЧИЛЕ НАСИЛСТВО?

Казнетиот командир не е прв на списокот на Стевоски. Тој за сообраќаен прекршок казнил многумина полицајци. Доминираат пријавите за погрешно паркирање. Но, поради големината на случајот, овојпат сообраќаецот стана популарен. Оние со кои зборувавме, ни пренесоа дека Стевоски удира против сите. Но, колку што посилно замавнува, толку пожестоко му се враќаат ударите. Постои еден случај од минатото лето кога во еден клуб во Охрид дошло до физичка пресметка меѓу две групи, едната охридска, другата од Скопје. Вечерта имало најавена забава, па во клубот и околу него имало и полициски патроли. Наместо да спречат насилство, полицајците немо го проследиле инцидентот, а потоа не ни пријавиле.

Истиот полицаец Стевоски напишал претставка до Секторот за внатрешна контрола при МВР против еден командир во станицата во Охрид – Д.Д., против началникот на секторот за разузнавање З.С. и против други полициски службеници, затоа што несовесно постапиле и воопшто не презеле мерки да интервенираат или да повикаат дополнителни полициски сили и веднаш да го решат случајот. Освен што фактичката ситуација од насилството била јасна, постоеле и сведоци на настанот кои МВР можело да ги користи при утврдувањето одговорност кај полицајците. Но, наместо тоа, во одговорот од МВР било наведено дека била разгледана службената документација за настанот и немало докази за неправилно постапување на пријавените.

А се знае кој ја напишал службената белешка за настанот – тие што биле пријавени!

Така, случајот со непостапувањето на полицијата, исто како и случајот во кој полицијата не спречила напад врз полициски специјалец од Скопје, за што исто така постојат пријави до МВР за високи полициски функционери, остануваат со неоткриени одговорни лица, но затоа, пак, пријавувачот Стевоски го соочиле со нови дисциплински постапки, со нови казни. Ако добро пресметуваат полицајците, тогаш овој полицаец – пријавувач е казнет пет до шест илјади евра за неколку години. Друго е прашањето зошто вработен со 30-тина дисциплински постапки уште е на работна позиција. Јасно е дека врвот на полицијата знае оти казните не му се по заслуга, туку укор и предупредување да престане да „ровари“ низ криминалното однесување на полицајците.

ПОЛИЦИСКИ ФУНКЦИОНЕРИ МЕСТЕЛЕ ИЗБОРИ?

Поранешни претпоставени на Стевоски се присетуваат дека кој и да му е претпоставен, директно или индиректно, Стевоски има мана да му ги следи грешките и да ги „прогонува“ сите што ги злоупотребуваат полициските привилегии за лична корист. Во 2014 година, за време на изборниот процес Стевоски забележал како полициски функционери со злоупотреба на позицијата одработуваат за партијата на власт. Иако постоел оперативен план за работа на денот на изборите, особено ноќта по завршувањето на гласањето, сепак некои функционери на МВР го попречиле тоа.

Имено, неколку полициски патроли имале задача да направат обиколки низ градот и селата со цел да следат дали нешто се случува со гласачкиот материјал. Но, една од патролите на охридската полиција била пресретната од командирот Д.Д. и помошник-командирот О.Н., кои со усна наредба, некаде околу полноќ, го смениле планот за работа. Некои од полицајците им се спротивставиле, особено Стевоски, кој им укажал на „посилните“ дека писмената телеграма е посилна од усната и затоа настојувал да продолжи со претходниот план за патролирање. Секако дека не успеал и заедно со патролата биле попречени два часа да вршат проверки. Истото им се случило и на другите патроли од страна на истите лица. Тоа значи оти локалната полиција спречувала полицајци да го обезбедуваат теренот за да може некој по изборниот ден да манипулира со изборниот материјал!

И за овој случај имало сведоци, неколкумина полицајци кои биле спречени во извршувањето задачи од нивните претпоставени, но Секторот за внатрешна контрола на МВР одлучил дека нема виновни, оти така покажала службената документација. Изгледа дека таа повторно била подготвена од пријавените командири. Зашто, тоа е настан од времето кога МВР на денот на изборите беше МВРО, според зборовите на ексминистерката Гордана Јанкулоска.

ИЗНУДУВАЧИ И ЛИХВАРИ – КОЈ ДА ГИ КАЗНИ?

Трагајќи низ архивата на полициската станица во Охрид наидовме на уште една интересна пријава на полицаецот Стевоски, која со години нема завршница. Тој пред неколку години обезбедил докази и изјави на сведоци дека полициски функционери се занимаваат со лихварство и изнуда. Во пријавата се наведува дека полицајците-насилници користеле службено возило и службено оружје кога присилувале граѓани да им исплатат пари. Посочени се неколку примери со имиња и презимиња на жртвите, како и точно време и датум кога полицајците надвор од законските овластувања учествувале во насилен криминал. И за овој случај знае централата на МВР затоа што постоеле писмени документи.

Иако интерните пријави се нижеле постојано, сепак речиси никогаш никој не бил повикан на одговорност. Дури, во Скопје не биле повикувани ниту пријавувачите за да изнесат докази. Во текот на последната деценија има голем број пријавувања и укажувања на поединци кои загазуваат во криминал во охридската полиција, но многумина од нив успешно пливаат низ матните води, а дел од нив и ротираат на одговорни и значајни функции.

Ќе објавиме уште еден пример кој е заведен во полицискиот дневник, а за кој своевремено знаела и лично Јанкулоска. Но, како и во претходните случаи, не било ништо преземено. Тоа е случај, барем од она што го дознавме со најстар датум – од 2008 година. Но, токму тој случај, како што се присетуваат нашите извори, го става Стевоски на „црната листа“ кај надредените и оттогаш почнуваат неговите маки. Тимот на Стевоски, верувале или не, открил 210 шверцувани моторни возила низ охридско-струшкиот крај, меѓу кои и џипот на фудбалерот Дејвид Бекам, кој подоцна го користеше Јанкулоска. Потоа обезбедил докази дека таквите возила не смеело да се регистрираат во Македонија затоа што биле предмет на меѓународна потрага, но дека МВР, сепак, овозможило граѓаните, сопственици на таквите возила да ги регистрираат. Потоа, полицајци наводно оделе кај сопствениците со укажување дека треба да им исплатат одредена сума рекет затоа што во секое време можеле да му го одземат возилото под изговор дека е со фалсификувани документи.
И за овој скандал полицајци имале собрано докази и изјави на сведоци, особено од граѓани врз кои бил вршен рекетот и кои ги знаеле полицајците- заканувачи. Зошто сите изминати години не е преземено ништо од страна на МВР против нечесните полицајци, не само во охридската, туку и во други полициски станици во Македонија? Одговорите ни се одамна познати, а потврдени со снимките од прислушуваните материјали. Очигледно е оти министерот Чавков продолжува онаму каде што со партизацијата и непрофесионалноста, каков што е и последниот конкурс за вработување во МВР, стигнала неговата претходничка Јанкулоска.

На крајот останува да се надеваме дека популаризацијата на последниот случај со казната од 800 евра за командирот, нема да заврши како сите претходно, туку конечно некој ќе плати за грешката.

ЗА ДЕЦАТА НА СТЕВОСКИ НЕМА МЕСТО ВО ПОЛИЦИЈА

Двата сина на полицаецот Стевоски се пријавиле на огласот за новите 600 вработувања во МВР. Иако имале план да тргнат по стапките на родителот, сепак и за двајцата немало место меѓу фаворитите за работно место. За вработување во МВР, предизборно, конкурирале 4.500 младинци, што преставува огромен интерес. Останува нејасно како за толку кратко време, еден месец, беа проверени сите кандидати и како се избираат најдобрите или најподобните.

БУГАРИН ГО ВОЗЕЛ ЏИПОТ НА БЕКАМ

Р. Тодоров Димов било името на бугарскиот државјанин кој се превезувал со украдениот џип на Дејвид Бекам, познатиот фудбалер од Велика Британија. Тој бил пресретнат во Охрид и се обидел да се претстави како бизнисмен од Австрија затоа што документите за џипот биле австриски, но фалсификувани. По заплената на џипот било утврдено дека пристигнал од Мадрид во пристаништето во Солун, а од таму преку Македонија требало да замине кон Албанија.

Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот „Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество“, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија.Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.

Би можело да ве интересира

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Охриѓанец со нож повредил тројца, приведен е

Охрѓианец избран за јавен правобранител, продолжил да си работи и како адвокат

Катерина Ѓуровски

Во сообраќајка тешко е повредено 18-годишно момче од Охрид

Во сообраќајка во Охрид тешко е повредена жена

На конференција во Охрид ненадејно почина поранешен шкотски премиер

A1on