Во Музејот на Град Скопје денеска ќе биде отворена изложба на монети откриени на археолошкиот локалитет Градиште кај село Таор со наслов „Tauresium-монети од археолошки истражувања“. Раководител на истражувањата и автор на изложбата е Киро Ристов.
На изложбата ќе бидат презентирани 427 монети, од вкупно 523 колку што се откриени со досегашните археолошки истражувања. Изложените монети го отсликуваат хронолошкиот распон од егзистирањето на населбата и ја дефинираат економската состојба на жителите во определени временски периоди. Презентирани се во 20 витрини по хронолошки редослед од владеење на императорите и според нивната номинална вредност.
Изложените монети се откриени во текот на десетгодишните археолошки истражувања на локалитетот во организација на Музејот на Град Скопје. Локалитетот континуирано се истражува од 2000 година, а проектите за археолошки истражувања се целосно финансирани од Министерството за култура на Република Македонија. Од 2008-2011 година истражувањата беа финансирани од Владата на Република Македонија во рамки на капиталните проекти.
Со истражувањата на локалитетот откриени се 12 индивидуални куќи, две јавни градби одбранбен ѕид и многубројни наоди. Населбата имала довод и одвод на вода. Освен многубројните наоди на керамички садови и фрагменти од нив, накит, фрагменти од стаклени садови, крстови, земјоделски и занаетчиски алати, делови од градежни конструкции, оружје и воена опрема.