Министерството за земјоделство,шумарстви и водостопанство реагира на прес конференцијата на Зоран Ѓорѓиев, претседателот на ОО СДСМ во Кавадарци.
„Очигледно СДСМ се уште живее и не може да го прежали времето на комунизмот, кога цените на сите производи ги определуваше државата, поради што тој систем пропадна. Цените ги одредува пазарот, а не државата и од тие причини оваа Влада ги превзема сите мерки за да може земјоделството да биде поконкурентно на пазарот и да има економски оддржливи земјоделски стопанства. Во однос на лозарството, во последните 10 години превземено се сет мерки меѓу кои субвенции за подигање на нови насади и системи за наводнување капка по капка каде државата покрива 50% од трошоците, а од следната година за овие системи за наводнување, субвенцијата ќе изнесува 80%. Воведена е и субвенција за одржување на лозовите насади од 40.000 денари по хектар или пресметано по просечен принос таа изнесува околу 4 денари по килограм грозје.
Исто така, континуирано се вршат измени во Законите од областа на земјоделство каде се носат решенија за зголемување на конкурентноста,а се укинуваат монополистичките однесувања на поединци. Таков е примерот со Законот за заштита на растенијата со кој се овозможува, сите што ги исполнуваат условите, да можат да отворат земјоделски аптеки. Сведоци сме на секојдневно отворање на нови аптеки со што конкуренцијата ќе го направи своето и ќе ги намали цените на земјоделските репроматеријали.
Во однос на откупот на годинешната реколта на винско грозје, досега се направени над 10 состаноци меѓу лозарите и винарските визби каде што е договорено грозјето да се откупува по квалитет, односно по шеќерни единици. Појдовна цена за Вранецот е 13 денари за килограм со 19 шеќерни единици,а секое зголемување на шеќерната единица ќе се доплатува по 0.68 денари. За Смедеревката појдовна цена е 11 денари за килограм со 17 шеќерни единици, а за секоја наредна се зголемува за 0.65 денари. Со ова сакаме да ги мотивираме лозарите да произведуват квалитетно грозје за да добијат повисока цена, а винарските визби поквалитетно вино кое има повисока пазарна цена. Очекуваме дека со сите превземени мерки, откупот на винското грозје ќе заврши успешно.
Имајќи предвид дека одредени винарски визби го немаат исплатено грозјето со измените на Законот за вино предлагаме, исплатата да се врши на три рати, бидејќи виното се извезува по три месеци. Доколку не се почитуваат роковите за исплата винарската визба должник ќе биде избришана од регистарот и сите приливи од продаденото вино ќе одат на сметките на лозарите. Министерството смета дека на лозарите нетреба да им се кажуваат убави приказни, туку дека реалноста бара работа и квалитет.
Бидејќи СДСМ парите од Панорамското тркало ги ветија на многу корисници очигледно дека лозарите и овој пат ќе останат само на ветување и со празни раце.
Лозарите всушност добро се сеќаваат дека Владата на СДСМ беше таа што ги остави не само лозарите туку и сите земјоделци со наведнати глави, празни џебови, долгови и со неисплатено грозје за три реколти.
СДСМ очигледно заборави дека на собраниската седница нивниот предлог за распределба на ефтина зелена нафта за земјоделците доживеа целосно фиаско, односно им нудеа на земјоделците пари колку за едно орање на еден декар“, стои во реакцијата на министерството.