Српското обвинителство, по правосилноста на пресудата во Хаг против хрватските генерали Готовина и Маркач, ќе ги активира предметите за злосторствата изврешени во акцијата „Бура“ и ќе отвори шест нови случаи врз основа на доказите кои српското Обвинителство за воени злосторства тврди дека ги поседува, јави порталот Б92.
Српското обвинителство, исто така, од Хашкото обвинителство побарало да им се достават доказите против хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач, кои беа ослободени од обвинувањата за злосторства во акцијата „Бура“ во второстепената пресуда на Хашкиот суд.
-Овие предмети се отвораат сега бидејќи Хашкиот суд, согласно правилата на меѓународното право, има примат за кривично гонење и затоа се чекаше на правосилноста на пресудите, укажа Владимир Вукчевиќ.
Вукчевиќ истакна дека доказите изведени во првостепената постапка (кога Готовина беше осуден на 24, а Маркач на 18 години затвор) се релевантни и можат да придонесат за утврдување на вистината во злосторствата извршени во текот на акцијата „Бура“, што не ги разгледуваше Хашкиот суд.
Тој додаде дека во случајот на хрватските генерали во Хашкиот суд е направен пропуст, бидејќи не биле добиени „топничките дневници“ во кои се наоѓаат артилериските извештаи во кои биле наведени целите на хрватската војска.
-Тоа е голем пропуст, од позиција на обвинител, бидејќи тоа што не биле набавени топничките дневници во кои биле артилериските извештаи…. мислам дека е тоа суштината, рече Вукчевиќ.
Тој повтори дека ослободителната пресуда за хрватските генерали е компромитирачка за Хашкиот суд, кој со овој потег, како што наведе, самиот си го зададе најголемиот удар.