Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги именуваше членови на Привременото ад хок тело за следење на медиумите пред предвремените парламентарни избори.
Именувани членови по предлог на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ се Слаѓана Димишкова, претседател на новинарската асоцијација МАН, долгогодишен новинар и уредник во дневниот весник „Вест“ и Цветин Чилиманов, долгогодишен новинар, дописник, колумнист и аналитичар. По предлог на политичката партија СДСМ именувани се Љубомир Костовски, новинар и уредник на он-лине изданието „Глобус“ и Горан Трпеновски, новинар и уредник на политичката рубрика во дневниот весник „Вест“, соопшти денеска Агенцијата.
Во соопштението се наведува дека директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз основа на член 196-д, став 2 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, денеска именуваше четири члена на Привремената комисијата за следење на медиумското претставување.
Петтиот член на Привремената комисија за следење на медиумското претставување, директорот на Агенцијата ќе го именува по претходен предлог усвоен со консензус од четирите члена, во рок од 15 дена од нивното именување, односно најдоцна до 23 август, соопшти Агенцијата.
Мандатот на Привремената комисија трае до завршување на изборниот процес на предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои ќе се одржат во 2016 година.