Општина Центар е подготвена за започнување на градбата на новото основно училиште во Капиштец. Согласно законите, сите правни процедури се завршени и веќе е избран изведувачот на објектот- конзорциумот на “Пелагонија” и “Вардарградба”.
Од општината информираат дека на 28.7.2016, до Министерстовото за финансии е доставен и договорот со Комерицјална банка за финансирање на овој инфраструктурен објект. Со ова практично општина ги завршила сите своите обврски и сега се’ е во рацете на Министерството. Тоа до владата треба да ја достави информација за задолжување а таа во кус рок и во рутинска процедура истата да ја одобри, по што општината ќе потпише договор со Комерцијална Банка и изградба веднаш ќе почне.
„Нашите правни, административни и финансиски обврски се завршени. Почетокот на изградбата на новото училиште сега зависи исклучиво од Министеството за финансии и Владата. Се надеваме дека тие во најбрз рок ќе ја донесат оваа одлука, исто како што тоа го прават и за други проекти. Веруваме дека нема повторно да се кочат процесите, бидејќи штети трпат еднствено родителите и децата во општина Центар“. – велат од општината.
Општина Центар ја “пренамени” кредитната линија за изградба на модерно основно училиште во Капиштец, која претходното раководство ја алоцирало за изградба на барокна катна гаража.
Во оваа голема населба нема основно училиште и родителите се принудени да ги носат децата во други подалечни училишта во општината а некогаш и во други соседни општини. Од изградбата на училиштето ќе имаат бенефит повеќе од 500 деца од оваа населба, информираат од општината.