По едногодишен престој во Романија, српскиот кошаркарски интернационалец Урош Лучиќ повторно стана дел од МЗТ Скопје Аеродром.
Лучиќ (33 год., 207 см.) и МЗТ Скопје ги завршија сите формалности и официјално потпишаа договор за една година.
Искусниот крилен центар, кој минатата сезона настапуваше за тимот на ЦСМ Орадеа, се враќа на местото каде што пред повеќе од една година како капитен прв го крена шампионскиот пехар, по триумфот над Куманово во финалната плејоф-серија. Тогаш тој две сезони настапуваше во сино-белиот дрес, откако во 2013 година дојде во Аеродром од таборот на словенечка Крка.
Лучиќ првите натпревари во сениорска конкуренција ги има одиграно во дресот на Раднички од Белград, а оттогаш има играно уште и за Свилајнац, Слога, Раднички Застава, Ергоном, Здравје, Визура, Златорог, Стеауа и за ОКК Београд. Во ризницата трофеи, интернационалецот од Србија има три шампионски трофеи од Словенија, сите освоени со Крка, како и два триумфи во македонското првенство со МЗТ Скопје Аеродром.
Крилниот центар е петтиот кошаркар кој летово потпиша договор со „металците“, по сонародникот Ѓорѓе Дреновац, Холанѓанецот Шарлон Клоф, Американецот Џош Скот и македонскиот репрезентативец Марко Симоновски.
Од првотимците под договор тука уште се и Љубомир Младеновски и Адем Мекиќ, кои во моментов се подготвуваат со македонскиот национален тим за претстојните квалификации за ЕП 2017.