Актуелниот македонски кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром, кон средината на септември ќе настапи на силен меѓународен турнир во Сараево, кој традиционално се одржува во чест на еден од најдобрите играчи на просторот на поранешна СФР Југославија – Мирза Делибашиќ (1954-2001).
На собирот во босанската престолнина покрај македонскиот првак ќе настапат уште и организаторот Босна Ројал, хрватска Цедевита и црногорска Будуќност.
Средбите ќе се одиграат на 16 и на 17 септември според принципот полуфинале-финале, а ждрепката на двојките ќе се направи непосредно пред почетокот на турнирот.
За МЗТ Скопје Аеродром ова ќе биде второ учество на манифестацијата која го носи името на легендарниот „Кинџе“. Првиот пат тоа беше во 2012 година, кога беше освоен и победничкиот пехар по победите над Сплит (85-78) во полуфиналето односно над Босна (89-62) во големото финале.
Настапот на турнирот во Сараево за сино-белите ќе биде одлична можност за проверка на силите на две недели пред стартот на АБА-лигата, а еден месец пред првиот дуел во Еврокупот и тоа против силни противници против кои ќе се сретнат во едното (Цедевита) односно двете (Будуќност) од овие натпреварувања.
Ова ќе биде 12-то издание на собирот во чест на поранешниот југословенски репрезентативец Делибашиќ, кој како играч на Босна дојде до титулата европски шампион во 1979 година. Зад популарниот Кинџе се повеќе од 700 средби одиграни во дресот на популарните „студенти“ од главниот град на БиХ, за кои има постигнато повеќе од 14.000 поени.