Треба да овозможиме најдобри можни услови за медијаторот од Обединетите нации Метју Нимиц да ја извршува на најефикасен начин својата работа. Се случија поединечни средби, а денеска има заедничка средба и во овој момент мислам дека треба да му оставиме него да ја изврши својата работа, потоа ќе направиме едно согледување и ќе ги искажеме нашите размислувања по однос на ефектите од овие средби.
Ова денеска го изјави министерот за надворшени работи Никола Попоски за новата рунда разговори за прашањето за името во Њујорк на медијаторот Нимиц со претставниците на Македонијаи на Грција Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
– Треба да оставиме простор да заврши овој циклус на разговори и потоа да имаме време да ги прибереме информациите повратно и да излеземе со наше видување за тоа. Мислам дека е прерано и оти би било неблагодарно да излегуваме со какви било прогнози кога овој циклус на разговори не е завршен, изјави шефот на македонската дипломатија денеска по завршувањето на промоцијата на капацитетите и извозните потенцијали на информатичко комуникацискиот сектор.
На новинарско прашања какви се очекувањата, Попоски потенцира дека остануваме на линијата Република Македонија како земја која е посветена на почитување на сите преземени обврски и на еден конструктивен партнер кој во минатото има покажано оти настапува со добра волја во која било комуникација.
– Надвор од тоа сметам дека треба да му оставиме простор на Нимиц да ги заврши разговорите и потоа да излеземе со наши видувања и ставови, повтори минисетрот за надворешни работи.
Во врска со изјавата на евроамбасадорот Аиво Орав, Попоски оцени дека сите оние што ги претставуваат и застапуваат идеите за обединување во Европа, за демократија и почитување на човековите права, треба да ги рефлектираат тие размислувања и во искажувањата на своите ставови.
– Имам реално видување за тоа како функционира механизмот во ЕУ и кои се можности стојат на располагање за определена земја-членка за да влијае или да упати определена порака преку претставници на ЕУ. Најзначајно за нас е да се фокусираме на она што можеме ние да влијаеме и да се потрудиме час поскоро да бидеме дел од тоа семејство каде што ќе можеме и ние исто така да влијаеме на одлуките кои се носат, рече Попоски.
За очекувањата од декемврискиот Самит на ЕУ, шефот на македонската дипломатија укажа дека значајно е тоа што Република Македонија ги има буквално сите аргументи и ги има ставено на маса.
– Одлуката ја носат земјите-членки, ние немаме удел во тоа, но тоа што ги имаме исполнето нашите задачи на највисоко рамниште, го има констатирано и самата Европска комисија. Со едно такво досие и со еден конструктивен пристап би требало да се почитуваат оние правила воспоставени во ЕУ. Нам ни се потребни 27 поддржувачи во рамки на ЕУ и сите оние кои се посветени на реализација на европскиот проект треба да ја покажат таа конструктивност во рамки на дискусијата, изјави министерот Нилола Попоски.