Австралиско-македонскиот комитет за човекови права (АМХРЦ) и Меѓународното македонско движење за човекови права (МХРМИ) преку соопштение силно го осудија, како што се наведува, расистичкиот говор на евроамбасадорот Аиво Орав и побараа шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон да побара тој да им се извини на Македонците, а доколку не го стори тоа да го отповика.
Терминот „славомакедонци“ не е термин на самоидентификација и поради тоа е целосно отфрлен од Македонците во Република Македонија и пошироко.
Исто така, тој е навредлив и во минатото се злоупотребувал од страна на различни држави каде што Македонците биле населени и каде што живеат, се вели во соопштението.
АМХРЦ и МХРМИ во соопштението го потсетуваат евроамбасадорот Орав дека употребата на терминот „славомакедонци“ е во целосна спротивност со основните принципи на Европската унија.
На пример, во Членот 2 е наведено дека „е основана врз основа на вредностите на почитување на човечкото достоинство, слобода, демократија, владеење на правото како и почитување на човековите права…, додека во Членот 22 на Повелбата за фундаментални права на ЕУ стои: „Унијата ќе ги почитува културната, религиозната и јазичната различност“.
Коментирајќи ја вчерашната изјава на Орав во Скопје, се посочува дека е многу тешко да се поверува оти евроамбасадорот не бил свесен дека употребата на терминот „славомакедонци“ во Европарламентот ќе биде навредливо.
– Дотолку повеќе ако неговата „намера“ не била да навреди некого, тогаш што точно била неговата намера? Дали сака да им го отфли правото на Македонците на самоидентификација? Дали неговата намера била да ја прекрши европската Повелба за фундаментални права? Или можеби едноставно да ја задоволи желбата и да употреби термин „јазично разбирлив“ за „одредени“ членки на Комитетот пред кои се појави?, прашуваат од АМХРЦ и МХРМИ.
Имајќи предвид дека евроамбасадорот Орав одби јавно да се извини за употребата на навредливиот термин „славомакедонци“, организациите ја повикуваат Кетрин Ештон, висок претставник за надворешна и безбедносна политика на Унијата, да му даде инструкции да го направи тоа.
Евроамбасадорот Орав, според нив,треба повторно јавно да се обврзе на основните принципи на Европската унија, вклучувајќи го и правото на самоидентификација.
Во иднина тие бараат тој да им се обраќа со обраќа на етничките Македонци како Македонци. Доколку Орав не се извини, Ештон, како што наведуваат, има морална обврска да го повлече од оваа функција.
АМХРЦ и МХРМИ во врска со ова прашање и формално се обратија со писма до евроамбасадорот Орав и до Ештон, и ги повикуваат сите Македонци да го сторат тоа.