За блокадата на Ректоратот и за барањето на студентите да се одложи седницата на Универзитетскиот Сенат на која треба да се гласа за двајцата кандидати, Ненад Новковски и Никола Јанкуловски, ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски на кој му истече вториот мандат вели дека 12-13 луѓе го малтретираат целиот Универзитет.
На прашањето дали планира да ја одложи седницата на Сенатот, тој одговори:
– Некои глупости не заслужуваат одговор.
Според досегашниот ректор Стојковски, на претходниот Универзитетски Сенат мандатот му истекол во петокот, а Универзитетот мора да функционира со Сенатот. На денешната седница требало да се изгласа и новиот состав на Универзитетскиот Сенат.
– Како што гледате влезот е попречен од една мала група студенти, кои доставија едно писмо, минатата недела, во кое бараа да се исполнат неколку точки, кои што навистина не се ниту по закон, ниту по Статутот и се далеку од здравиот разум, рече Стојковски.
Според него Универзитетскиот Сенат мора да се конституира бидејќи Универзитетот не може да функционира без Сенат. Изборот на ректор е второстепено и е само една од точките за кои требало да се расправа на седницата.