Околу 100.000 Хрвати ги пречекаа на плоштадот во Загреб ослободените генерали Анте Готовина и Младен Маркач со паролите „Хрватска никогаш не ги заборава своите херои“ и со извици „Вуковар, Вуковар“.
Двајцата генерали беа пречекани во еуфорија на плоштадот.
„Ова е правна олуја, заедно победивме. Сакам да се заблагодарам на институциите на хрватската држава кои беа со нас цело време, на Претседателот на Републиката сум бладогдарен, на претседателот на владата, министерот за одбрана и за правосудство и на хрватаската амбасада во Хаг, која сите овие години беше со нас“, рече Готовина.
„Да ви се заблагодарам на сите кои бевте со нас кога ни беше најтешко, секогаш ја носев мојата татковина а тоа сте сите вие. Знаев дека не сум сам и ми беше многу полесно, знаев дека немаше злосторчничка акција, и дека чесно ја ослободивме хрватската држава. Секој Хрват може да рече дека ја имаме Хрватска и ја дека ослободивме без никаква дамка. Нека дојдат сите добронамерни луѓе кои и сакаат добро на Хравтска да живеат овде со нас заедно“, рече Маркач.
Паралелно за Србија одлуката е скандалозна, и во сите медиуми генералите се нарекуваат „злосторници“.
Претседателот на генералното Собрание на Обединети нации остро го критикува хашкиот трибунал и на Твитер профилот напишал:
„Нека стават прст на глава тие што се согласија EULEX да ја истражува трговијата со органи на Косово. Ќе заклучат дека сами сме си ги ваделе органите“.
„Се што секогаш мислев за хашката правда, после денешниов ден, нема повеќе причина да се формулира со политички коректен речник“.
Сите политичари во Србија ја осудија одлуката на Хаг и наведуваат дека со неа се легализираат извршените злосторства над Србите кога во операцијата „Олуја“ беа протерани 220 илјади Срби, а 1000 ненаоружани беа убиени.
Српскиот претседател Томислав Николиќ одлуката ја нарече политичка и дека нема да придонесе за стабилизација на регионот.
„Српскиот народ во поновата историја беше жртва на геноцид, на најсурови злосторства и мачења, а Србите се жигосани како злосторници кои треба да се срамат и да молчат. Тое е парадокс што не смее да се повтори“, рече Николиќ.
Според конечната пресуда која ја соопшти судијата Теодор Мерон, операцијата „Олуја“ со која командуваше Готовина во август, 1995 година, не е здружен злосторнички потфат со цел да се протераат Србите од Книнска Краина.
Со оглед дека првостепениот суд во Хаг постоењето на злосторничкиот потфат го темелеше на незаконсиот артилериски напад на градовите во Краина, сега Апелациониот суд изнајде дека нападите не биле незаконски и со тоа го поништи заклучокот за злосторничко здружување.
Со конечната пресуда е утврдено дека „заминувањето на српските цивили од Книнска Крајина по законските артилериски напади на хрватската војска не може да се смета за депортација. Готовина, Маркач и другите кои ги наредиле нападите на градовите во Книнска крајина со тоа немале намера да ги депортираат жителите“, заклучи со мнозинство гласови судскиот совет во Хаг.
Според судијата Мерон, првостепената пресуда со која Готовина доби 24 години затвор, а Маркач 18 години затвор, била заснована на погрешен заклучок и дека сега се утврдило дека нема ништо противправно што артилериските проектили од хрватската војска паѓале на 200 метри од легитимните воени цели.