Интегративните процеси не треба да бидат попречувани од билатерални прашања, таквите процеси треба да течат паралелно, а како и досега, Република Македонија може да смета на австриска поддршка за деблокада на статус кво состојбата во ЕУ интеграцијата.
Ова денеска го потврди австрискиот претседател Хајнц Фишер на средбата со претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов кој престојува во посета на Виена, јави известувачот на МИА.
Претседателот Иванов, како што информира неговиот Кабинет, заблагодарувајќи се за отворената и принципиелна поддршка од Република Австрија, истакна дека сите добиваат со деблокадата на процесот. Република Македонија, како што посочи, ќе го продолжи својот пат, Републкика Грција ќе има поевропски сосед и по стандарди и критериуми, а деблокадата ќе биде добра вест и поттик за другите земји од регионот.
Фишер истакна дека проширувањето нема да биде комплетирано без Западен Балкан, продолжувањето на проширувањето ќе ги подобри состојбите во државите на Балканот, а со тоа ќе се променат состојбите на целиот регион.
На средбата стана збор и за состојбите во регионот на Југоисточна Европа.
Претседателот Иванов потенцира дека Репубика Македонија е активно вклучена и е силно посветена на натамошното продлабочување на регионалната соработка.
– Република Македонија е еднакво отворена и сака да гради односи на добрососедство и да ја максимизира соработката со сите свои соседи. На Балканот, ЕУ-интегративните процеси се алатка за надминување на билатералните разлики. Поголемата комуникација и соработка меѓу соседите само ќе ја зголеми веројатноста за надминување на разликите мегу балканските држави, а паралелниот процес на интеграција ќе го донесе долго посакуваниот мир, стабилност и просперитет на Балканот, истакна Иванов.
На средбата билатералните односи и економската соработка беа позитивно оценети, а беше укажано дека очигледна е и континуираната позитивна динамика во политичкиот дијалог. Претседателот Иванов упати покана до Фишер за учество како специјален гостин на следниот Самит на Процес за соработка во ЈИЕ и Дијалогот на цивилизации следната година во Охрид.
Македонскиот претседател во рамки на посетата на Виена попладне ќе се сретне со претседателот на Меѓународната Паневропска унија, Ален Тереноар, како и со пратеникот на ЕП и претседател на Паневропа за Германија, Бернд Поселт, а вечер ќе се обрати на Конгресот „90 години од Паневропа“.