Американскиот амбасадор Пол Волерс оцени дека македонскиот одговор на грчкиот Меморандум за разбирање е генерално добар, позитивен и е добар чекор напред кон решавање на отворените прашања меѓу Македонија и Грција.
– Не дава одговори на сите прашања, што беше и очекувано. Тоа не е почеток на некој вид преговарачки процес, туку се работи за Меморандум за разбирање. Грците јасно кажаа кога го доставија дека не станува збор за документ „земи или остави“, туку е отворен за дискусија. Добро е да има дијалог меѓу Македонија и Грција затоа што тоа е начинот за да се оди напред во решавањето на прашањата, рече на денешната средба со новинарите, амбасадорот Волерс.
Тој изрази задоволство за новата рунда преговори на која посредникот Метју Нимиц ги повика претставниците на Македонија и на Грција во Њујорк в понеделник и вторник.
– САД силно го поддржува процесот што се води под покровотелство на ОН и Нимиц и ќе поддржи се што ќе произлезе од него односно за што ќе се договорат двете страни. Силно ја поддржуваме и македонската интеграција во НАТО и во ЕУ, нагласи Волерс, укажувајќи дека Македонија нема подобар партнер од САД и така, подвлече, ќе продолжи во иднина. Тој уште еднаш посочи дека надворешната политика на САД во однос на Македонија нема да се смени. Имаме долга историја на партнерство, подвлече, и тоа ќе продолжи, САД ќе ја поддржуваат Република Македонија на патот на нејзината интеграција во ЕУ и во нејзиниот просперитетот. Амбасадорот смета дека САД имаат направено многу за напредокот на оваа земја и тоа преку програми во зкаонодавството, демократијата, образованието, културата, економијата, но луѓето треба да знаат, потенцира, дека ниту една земја од надвор не може да ги реши сите проблемите во Македонија.
– Прашањето за името е билатерално и треба да биде решено меѓу Грција и Македонија. Тоа е единствената пречка за членството во НАТО, дециден е Волерс.
На новинарско прашање дали е оптимист дека Македонија во декември ќе добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, Волерс уште еднаш повтори дека САД даваат цврста поддршка за членството на Македонија во ЕУ и во НАТО.