Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Скопје присуствуваше на презентацијата на имплементираниот проект „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, во пресрет на Меѓународниот ден на толеранцијата.
Проектот беше спроведен на иницијатива и под покровителство на Иванов, а во соработка со Геостратешкиот институт „Глобал“ и општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Врапчиште и Шуто Оризари. Целта беше преку спортот децата да се запознаат меѓу себе и да научат да ги почитуваат различностите на другиот.
На денешната презентација беа изнесени позитивните искуства од почетокот на оваа идеја, до добивањето на специјално признание за неговите заложби за промоција и унапредување на мирот преку спортот на Меѓународниот форум „Мир и спорт“ што се одржа во Сочи, Русија, на 2-ри овој месец.
– Македонија е земја на различитости, земја во која се почитуваат луѓето меѓу себе, земја во која младите поколенија имаат желба да се дружат, да учат едни за други и да споделуваат искуства, знаења и свои вредности, рече Иванов.
Во оваа пригода тој се потсети на детството кога, како што рече, „родителте со сила сакаа да не внесат од надвор дома, бидејќи по цел ден бевме надвор со другарчињата и така заедно растејќи се осознававме меѓу себе и знаевме за млади ромчиња, турчиња, албанчиња во таа наша секојдневна игра“.
– Денес со сила родителите своите деца сакаат да ги изнесат надвор да играат затоа што новите технологии, интернетот и фејсбукот овие нови генерации ги тера да седат дома, истакна претседателот и додаде дека со овој проект покажавме како треба младите поколенија да комуницираат, да се запознаваат меѓу себе и да се толерираат.
Наградата од Сочи, како што посочи Иванов, ја смета за награда за сите и за Македонија.
– Наградата единствено нам ни беше доделена како пример на земја која се обидува својата традиција, своето наследство и она што е познато од секогаш како земја во која се почитуваат различитостите и преку спортот тоа да го покаже се со цел да има мир, истакна претседателот Ѓорге Иванов.