Здружението на американски староседелци бурно реагираше на фотографиите на „ангелот“ Карли Клос со перјаница на главата, сликани на познатата годишна модна ревија на брендот за долна облека. Индијанците секси креациите ги протолкуваа како злоупотреба на нивната традиционална носија со перјаница, па брендот „Викторија сикрет” одлучи да ја изземе контроверзната фотографија од рекламната кампања.
Манекенката Карли Клос (20) прошета на пистата облечена како секси Индијанка. Носеше градник и гаќички со леопардски печати и реси, а на главата носеше долга перјаница.
Иако провокативниот имиџ на многумина им се допадна, Здружението на американските староседелци жестоко го осуди, тврдејќи дека се работи за исмејување на традицијата и дискриминација. На адреса на брендот “Викторијас сикрет” во текот на викендот пристигнаа неколку жалби, па челниците на модната куќа испратија јавно извинување за сите кои се почувствуваа навредени.
Преку социјалната мрежа “Твитер” се извини и Карли Клос, иако одлуката за избор на облека не е нејзина.
– Многу ми е жал ако она што го носев на шоуто на “Викторија сикрет” навреди некого – напиша манекенката.
Ова не е прв пат “Викторијас сикрет” да бидат обвинети за навреда и расизам. Долната облека со име “Sexy Little Geisha” (малата секси гејша), направен по модел на јапонска носија, беше повлечен од пазарот во септември.
“Sexy Little Geisha” го рекламираше јужно-африканскиот модел Кендис Свонпул, што беше протолкувано како “обид да се игнорира автентичноста на азиската култура и да се направи прифатлива фетишизацијата на азиските жени.”