Организацијата на резервни офицери на Македонија ја организираше денешната трибина насловена „15 години од војната во Македонија“ која се одржа во кумановскиот Центар за култура.
На трибината говореа преставници од организацијата кои на овој начин одбележа 15 години од конфликтот во Македонија во 2001 година и им оддадоа почит на загинатите бранители, доделувајќи им признанзија на членовите на семејствата на загинатите, на 50-тина активни учесници претежно резервни офицери и подофицери во конфликтот.
Од Куманово во конфликтот во 2001 година шест бранители ги положија своите животи.
– Сакаме да пренесме порака дека ваквите војни никому не носат добро, носат поделби, омраза, „зла крв“ на која и се потребни долги години таа да се надмине. Во секој случај кога се работи за опстанокот на РМ, егзистенцијата, кој било што ќе ја нападне и разнебити, како што беше 2001 година, тогаш ние сме должни како држава, како народ, како АРМ, полиција, да ја браниме, чуваме, бидејќи за оваа држава многу генерации го дале својот живот, рече проф.др Ѓорѓи Малковски, претседател на организацијата на резервни офицери на Македонија.
Пред пристуните се обрати претседателот на општинската организација Синиша Богдановски, кој истакна дека учеството на бранителите во војната е дело и карактеристика на големи и храбри луѓе.
– Денес сите ние ја чувствуваме гордоста на кумановските бранители и загинатите херои од Куманово кои со својата храброст, подготвеност и борбеност оставија траен белег во поновата македонска историја. Тоа беше и повод за да ја организираме оваа денешна трибина 15 години од војната во Македонија, воените дејствија, учеството, како на другите така и на македонските бранители, кои застанаа во одбрана на татковината против вооружените екстремистички и паравоени формации, рече Богдановски.
Претседателот на Советот на Општина Куманово, Максим Димитриевски истакна дека градот за жал,никогаш не го одминуваат ваквите настани. Нагласи дека имињата на нашите сограѓани кои ги дадоа своите животи, се впишаа во историјата и темелите на Република Македонија.
На трибината говореше и Велин Стојановски, полковник во пензија, кој се осврна на најбитните настанти од почетокот на вооружениот конфликт. Според Стојановски, започна со нападот на караулата во Танушевци на 4 март 2001 до доѓањето на силите на НАТО „Неопходна жетва“ на 27 август 2001 година. Некои историчари сметаат дека конфликот завршил на 12 ноември во Требош кога загинаа двајца припадници на безбедносните сили. Тој се осврна на операциите кои АРМ ги преземаше тој период во селата Отља,Слупчане, Ваксинце,Оризаре и поширокиот кумановско-липковски регион.